Македонија
Министерството за здравство: ВМРО-ДПМНЕ jа замајува јавноста со лажни податоци за вакцините

Министерството за здравство категорично ги демантира и осудува, како што велат, пласирањата на лажни документи кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ги прикажа како составен дел од процесот за набавка на вакцини против Ковид-19.
„ВМРО-ДПМНЕ свесно сака политички да профитира по цена да се наруши договорот за набавка на вакцини и по цена на здравјето на граѓаните. На помош на опозициската партија се и некои медиуми кои единствено од за нив разбирливи причини објавија таканаречен документ, кој е лажен, на ниту еден начин не е поврзан со процесот за набавка на вакцини, како што сакаат да и прикажат на јавноста“, нагласуваат од ресорното министерство.
Од таму додаваат дека во документот се спомнува сума која е лажна, иако од опозициската партија сакаат да ја прикажат како цена за купување на вакцини.
„Сакаат да одржат во живот афера која не постои и во јавноста да пласираат криминал кој не постои. Од ВМРО-ДПМНЕ и медиумите блиски до нив многу добро знаат дека процесите за набавка на вакцини се доверливи, посебно цените на вакцините, тоа е глобална политика на сите производители, но и покрај тоа свесно се обидуваат преку лажни информации да наведат дека, од една доверлива постапка излегуваат податоци и документи во јавност“, стои во реакцијата.
Министерството за здравство на крајот уште еднаш посочува дека го демантира документот и сумата наведена во истиот, потенцирајќи дека станува збор за лажен податок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.