Македонија
Министерството за здравство најави тужба против Андоновска за изјавите за вакцините
Министерството за здравство најави дека ќе поднесе тужба против Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ во врска со нејзината прес-конференција за набавката на вакцините против сезонски грип.
„Најостро ги демантираме невистините изнесени на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ од страна на д-р Марија Андоновска, во врска со набавката на вакцините против сезонски грип. Секоја година, Министерството за здравство на јавен и транспарентен начин објавува постапка за доделување на договор за јавна набавка преку електронскиот систем за јавни набавки која овозможува конкурентност и таквите постапки и се достапни на јавноста“, велат од МЗ.
Од таму велат дека објавата на тендерската документација, која ВМРО ДПМНЕ се обидува да ја поврзе со Министерството, е неточна, односно истата не е спроведена од Министерството, туку од Центар за јавно здравје Скопје, кои набавуваат вакцини за комерцијални цели.
„Со цел точно информирање на јавноста за да спречиме споделување лажни информации, посочуваме дека двете постапки кои се објавени од Министерството за здравство, за 2019 година е со број на оглас 08685/2019 од 25.9.2019 година, а за 2020 година е со број на оглас 11316/2020 од 06.8.2020 година и во истите јавноста може да воочи дека спецификацијата е направена онака за да можат и двата производители, чии вакцини се регистрирани во државата, да учествуваат со своја понуда. Следејќи ги препораките на СЗО и Комисијата за заразни болести, една од ризичните групи опфатени со бесплатна вакцинација се децата од 6 месеци до 5 години. Нашата цел е да заштитиме што поголем број деца. Вакцините кои се наменети за вакцинација на деца, доколку не се искористат, се пренаменуваат за вакцинација на другите ризични категории“, се наведува во реакцијата.
Денешните ставови на Андоновска, велат од МЗ, ќе бидат предмет на тужба пред граѓанскиот суд во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

