Македонија
Министерство за здравство: Вакцинацијата е единствен начин да избегнеме нов силен пандемиски бран
На територијата на целата држава во моментов се хоспитализирани 16 пациенти со Ковид-19, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат и дека тековната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, болниците се празни, а само 4 пациенти се на кислородна поддршка.
„Здравствениот систем е подготвен во случај на влошување на ситуацијата, но искрено се надеваме и посакуваме до тоа да не дојде. Единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација“, нагласуваат од ресорното министерство.
Исто така, здравствените власти истакнуваат дека кај нас досега се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не бил вакциниран.
„Не само кај нас, последните анализи и во светски рамки покажуваат дека новиот делта сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население. Во Европа, од почетокот на месецот, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза, додека во Обединетото Кралство, скоро две третини од луѓето заразени со делта сојот на Ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани“, се наведува во соопштението во кое се додава дека и Шпанија бележи значителен пораст на нови случаи кај млади невакцинирани лица, по трендот на опаѓање на заразени од крајот на април.
Нашето министерство ги пренесува зборовите на Фернандо Симон, директор на Координативниот центар за здравствени предупредувања во шпанското Министерството за здравство, кој посочил дека „стапката на инциденца кај невакцинираните е до 20 пати поголема од онаа на вакцинираните“.
Здравствените власти во земјава укажуваат и на наодите на СЗО дека сите вакцини се докажано ефикасни против постоечките соеви и мутации на вирусот.
„Иако дел од студиите покажуваат дека нивната ефикасност се намалува против делта сојот, таа е се уште доволно висока да превенира развивање на тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт. Откако се утврди дека вирусот се пренесува помеѓу невакцинираното население, повеќе земји ги зајакнаа рестриктивните мерки кои главно се однесуваат на неимунизираните лица“, се наведува во извештајот на министерството.
Во него се посочува и дека секој поединец носи одговорност во борбата против пандемијата, со највисока граѓанска обврска за вакцинација.
„Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите е и уставно регулирана, со цел да се обезбеди максимална заштита на личното и колективното здравје, со што овие мерки не може да се подведат под сомнение дека се основ за дискриминација или во спротивност на основните човекови слободи и права, туку напротив, се во насока на поттикнување на личниот придонес од страна на секој поединец, со што ќе се осигураат јавното здравје и колективната благосостојба“, велат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

