Македонија
Министерството за здравство: Состојбата со коронавирусот е стабилна

Во согласност со неделните извештаи на Институтот за јавно здравје за изминатиот месец се бележи стабилизација на епидемијата во земјата, велат од Министерството за здравство. Од таму додаваат дека речиси сите епидемиолошки параметри според кои се евалуира состојбата со епидемијата бележат тренд на намалување, односно зголемување во однос на бројката на оздравени случаи.
Во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари процентот на позитивни од тестирани изнесува 16 %, што во споредба со средината на декември (извештај на ИЈЗ за периодот 14-20 декември 2020) е намалување од 13,3 %, кога процентот изнесувал 29,3 %.
Во истиот извештај од декември бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во една недела изнесувал 4.585, а во извештајот на ИЈЗ за минатата недела таа бројка изнесува 2.397, што покажува намалување од 48 %. За истиот период бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти.
Според вчерашната дневна статистика бројот на активни случаи изнесува 11.924. Во споредба со истиот датум во декември, кога бројката е 21.979, бројот на активни случаи е намален 46 %.
Од МЗ наведуваат дека еден од клучните индикатори е и бројот на хоспитализации на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата. Вчера биле хоспитализирани 598 пациенти, што е речиси двојно помалку од хоспитализираните на истиот датум во декември, односно 51 %.
По значителното намалување на бројот на хоспитализации, затворени се ковид-центрите на Клиниката за очни болести и Клиниката за уво, нос и грло, а клиниките се враќаат на својата редовна работа.
Министерството за здравство порачува граѓаните да останат одговорни и да продолжат доследно и целосно да се придржуваат до мерките за заштита од Ковид-19 и превенција од понатамошно ширење на вирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шахпаска: Родова еднаквост е еднакво вреднување за вложениот труд и еднакво учество на жените во сите сфери

На тема „Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални – како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на Ковид-19?“, денеска зборуваше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како дел од учесниците на 12. издание на „Вечери на женските права“, во организација на Институт за човекови права.
„Кругот на жени се проширува, бројот на жени што се подготвени да го кренат својот глас и да испорачаат правда во општеството и во родовата еднаквост секој ден станува сè поголем и поголем“, истакна министерката Шахпаска. Притоа се осврна на веќе донесените закони, како Законот за прекин на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, последните донесени со силна поддршка и од опозицијата и власта.
Министерката Шахпаска информира дека Министерството за труд и социјална политика има подготвено нацрт-верзија на закон за родова еднаквост, која ќе биде испратена до Советот на Европа, Венециската комисија, ОБСЕ и делегацијата на Европската комисија во нашата земја за првични коментари, а конечната верзија ќе биде испратена до јавноста за широка дебата.
„Родовата еднаквост претставува еднаква видливост, еднакво вреднување за вложениот труд на жените кога имаат исти професионални квалификации и капацитет со мажите за истите работни места. Законот за родова еднаквост треба да испорача еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот и рамноправно учество во семејството, креираањето политики и особено родово одговорно буџетирање“, потенцира Шахпаска.
Таа додаде дека останува и закон за мобинг, на кој работната група работи. Со тоа, додаде таа, се заокружува законската регулатива на прашањата што се однесуваат, пред сè, на жените.
Шахпаска ги посочи храброста и свесноста на жените и нивната подготвеност да одговорат на предизвиците што ги донесе пандемијата.
„74 отсто здравствени работници, жени, беа на фронтот со Ковид-19, но и исто така и текстилните работнички и жените што работат во трговијата. Сите тие свесни и одговорни за ризикот од пандемијата на кој се изложуваат, но храбри да се соочат и да се справат со неа“, истакна Шахпаска.
Таа порача дека борбата за родова еднаквост, за еднаква плата за еднакво вложен труд, за рамноправно учество на жените во општеството е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и е нешто на кое интезивно ќе се работи во периодот што доаѓа.
Македонија
Изет Меџити се повлече од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ

Пратеникот Изет Меџити се повлече од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ. Тој вели дека продолжува да биде гардијан на политиките и идеалите на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ.
Во продолжение интегрално го пренесуваме писмото на Меџити до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Почитуван претседател на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери,
Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.
Дозволете ми, како координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, да изразам искрени честитки за вашата повеќе од конструктивна улога и вашата неприкосновена посветеност, што секогаш резултира со ефикасност во работата на највисокото законодавно тело на РСМ и придонесе за дополнителни демократски вредности во домот на демократијата.
Инаку, таа, демократијата, секогаш не само што дозволува туку и ја промовира и иницира дебатата, а со тоа и различното мислење не само во општеството и во храмот на демократијата, републичкиот парламент, туку дури и во рамките на еден политички субјект.
Јас во текот на овие 20 години активен политички живот секогаш докажував дека сум приврзаник и бранител, без никакво двоумење во себе, на двата главни принципа на демократијата: гласот на слободната мисла и силата на гласот на мнозинството на гласачкото тело.
Различното мислење е повеќе од здраво за едно демократско општество, а силата на гласот на мнозинство гласачи е главната одредница за концептуалноста на демократијата на сите нивоа.
Од оваа причина, стоејќи достоинствено зад овие принципи, останувајќи силно зад личните ставови, досега често изразени во јавноста, дека во политичкиот субјект на кој припаѓам од првите денови на нејзиното основање, се развиваат случувања што на никаков начин не може да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РСМ и што е уште поважно, ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседавачот г. Али Ахмети, но и поради несоздавање забуна ниту кај еден мој колега во Собранието, а од друга страна, со намера да дадам поширок простор на мојата интенција за подостоинствена елаборација на позицијата зад која силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.
Продолжувам да бидам гардијан на политиките и идеалите на претседателот Али Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ, кои во сите изборни циклуси ни го дадоа најсилното оружје во наши раце, за да го оствариме она што го ветивме и за што сме се заложиле пред нив. Ова беше и ќе остане мој идеал, а не личните позиции и привилегии.
Македонија
Потврдени 316 нови случаи на коронавирус во Македонија, починаа 11 лица

Во последните 24 часа во Македонија се потврдени 316 нови случаи на коронавирус, 681 оздравен пациент и 11 починати, соопшти Министерството за здравство.
Во последните 24 часа се направени 1.562 тестирања, а регистрирани се 316 нови случаи на Ковид-19, и тоа во: Скопје – 164, Прилеп – 34, Куманово – 16, Кавадарци и Неготино – по 13, Тетово – 12, Гостивар – 10, Охрид – 9, Велес – 8, Гевгелија – 7, Штип – 6, Струмица, Струга и Кочани – по 5, Виница и Богданци – по 2, Кичево, Свети Николе, Крива Паланка, Делчево и Радовиш – по 1.
Регистрирани се 681 оздравен пациент, и тоа од: Скопје – 271, Кавадарци – 85, Прилеп – 42, Охрид – 31, Неготино – 28, Тетово – 24, Куманово – 23, Велес – 22, Струмица – 18, Делчево – 17, Гевгелија – 14, Штип – 13, Валандово – 12, Крива Паланка – 11, Струга, Гостивар и Битола – по 10, Богданци – 7, Кичево – 5, Крушево и Свети Николе – по 4, Радовиш и Кратово – по 3, Дебар, Берово и Кочани – по 2, Ресен, Виница, Демир Капија и Македонски Брод – по 1.
Пријавени се вкупно 11 починати лица – четворица пациенти од Скопје (76, 81, 79, 62), по двајца пациенти од Прилеп (77, 66) и Крушево (55, 76) и по еден пациент од Штип (65), Битола (85) и Охрид (59). Сите единаесет пациенти се починати во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 544.816 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 107.479, бројката на оздравени пациенти е 95.410, на починати е 3.206, а бројот на активни случаи изнесува 8.863.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа2 недели
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Економија3 недели
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“