Македонија
Мир преку разговор во Украина, решение „две држави“ за Израел и Палестина – Мицкоски и Ердоган разговарале и за глобалните предизвици

За Северна Македонија и Турција клучно е конфликтот во Украина да се реши по пат на разговори. За ситуацијата во Палестина двете земји споделуваат ист став, а тоа е преку формирање на две држави. Ова го истакна турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган за време на заедничката прес-конфренеција со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Турција.
Ердоган потсети и дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Македонија, и ја потенцира важноста на турската заедница во нашата држава за одржувањето на блиски односи меѓу двете држави.
„Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје“, истакна Ердоган.
Претседателот заклучи и дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите. Напротив, треба да биде поле за заедничка соработка и за развој.
И Мицкоски ги потврди добрите односи меѓу двата народа, а за Ердоган рече дека во него гледа голем поддржувач и пријател.
Мицкоски и Ердоган потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Советот, како што беше истакнато, ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Усвоен нов закон: Ќе може да се вработуваат и корисници на пензија

Првпат во историјата на Македонија се усвои Закон за работно ангажирање на лица, на барање и на работниците и работодавачите, објави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Работно ангажирано лице согласно овој закон, може да биде: лице кое не е во работен однос; вработено лице; самовработено лице; лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос; студенти; корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон“, појасни тој.
Согласно овој закон лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи.
„На овој начин ќе имаме граѓани кои ќе можат дополнително да заработат, држава која ќе наплати повеќе давачки и работодавачи кои ќе можат да ангажираат повеќе работници. За прв пат во историјата на Република Македонија се усвои еден ваков закон кој од зачетокот на независноста е барање на работниците и работодавачите“, објави Мицевски.
Македонија
Костадиновски: Одлуката за поништување на избор на уставен судија е правен преседан

Во врска со одлуката на Управниот суд со кој се поништи изборот за уставен судија на Елизабета Дуковска, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, вели дека е правен преседан.
„Вчера Уставниот суд на работен состанок долго ја разгледуваше настанатата правна состојба, која ја оценивме како правен преседан кој не сме го виделе во изминатите 34 а веројатно и во шеесетина години. Кажавме дека не ја коментираме одлуката на Управниот суд. Излеговме со соопштение и ја кажавме првата правна последица, а тоа е одложување на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците. Немам што да додадам или одземам од ставот што веќе го имаме како Уставен суд. По сила на Уставот, нашите одлуки се конечни и извршни. Меѓу судиите имаме различни стојалишта, што значи ова за уставното судство, но јас ќе се воздржам, веќе ние имавме заземено став како суд. Ќе оставиме да видиме и науката и струката ако има потреба и Уставниот суд во иднина да се произнесеме за оваа состојба, бидејќи ова е состојба и има правни импликации кои веќе ги гледаме, изјави Костадиновски.
Според судијата Осман Кадриу, спорни се неколку аспекти во врска со одлуката на Управниот суд,
„Дали може Управниот суд да поништи одлука за избор на судија на Уставен суд и тоа е дискутабилно. А, другото што е проблематично и тука носи вина управното судство, не се впуштаме ние во законитоста на нивната одлука, зарем е можно за избраниот судија, Управниот суд се произнесува со поништувачка одлука после две години“, изјави Кадриу.
Македонија
Уставниот суд укина два члена од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик

Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски во изјава за медиумите ги образложи причините за оваа одлука и нагласи дека со членовите се направени повреди и од материјална и од формална природа.
„Нашите сомнежи за материјалната и формалната повреда на законските одредби се потврди. Во поглед на материјалните , станува збор за повреда на политичкиот плурализам кој претставува темелна вредност на нашиот уставен поредок. Општо познато е дека политичкиот плурализам создава позитивни обврски за државата, што значи државата да овозможи ефективно изразување и подеднакви услови на изразувањето на политичката мисла од било кого, не само за политичките партии. Да обезбеди еднакви и фер услови за политички натпревар, што за жал со укинатите одредби, не било сторено. Се повредува и пасивното право на граѓаните и избирачкото право на граѓаните.
Во поглед на формалната страна, Судот оцени дека измените на Изборниот законик не се технички, туку станува збор за суштински измени, станува збор за промена на условот под граѓаните како изборни субјекти може да предлагаат кандидатски листи за учество на изборите и последиците од таквите измени ги засегаа директно правата на граѓаните. Сето ова наместо да се направи на еден неопходен и нужен демократски начин, направено е по скратена постапка, сосема нетранспарентно, без јавна расправа дури и без дискусија и тоа непосредно пред одржувањето на изборите, со што кај Уставниот суд се појави впечаток дека овие измени се направени во суштина за политичките партии, со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати, на самиот број на изборната трка, изјави Костадиновски.
За правните импликации претседателот Костадиновски објасни:
„Бидејќи станува збор за укинувачка одлука, а не поништувачка, општо познато е дека ние не сме Законодавец, тоа значи дека со оваа одлука, претходното правно правило не’ оживува. Ние не сме Законодавец, ние може да отстраниме спорни норми. Ова значи дека Законодавецот во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина со нашата одлука, во спротивно со евентуално непостапување би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на слободите и правата на граѓаните и тешка повреда на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот поредок“.
На прашањето дали може да се доведат во прашање претходните избори, претседателот Костадиновски изјави дека не може да се констатира такво нешто, бидејќи оваа одлука има pro futuro, дејство, е укинувачка а не е поништувачка. Важи од денот кога ќе биде објавена во Службен весник, па натаму.
На прашањето што доколку Собранието не го регулира ова прашање, претседателот на Уставниот суд изјави:
„Веќе кажав, тоа е тешка повреда на човековите слободи и права и тешка повреда на политичкиот плурализам. Во овој момент нема правно правило во кои услови независните граѓани ќе учествуваат. Собранието е должно веднаш да пристапи во уредување на оваа состојба и притоа веднаш да ги земе во предвид сите наши стојалишта“.