Македонија
Мисајловски во посета на Командата за операции на македонската Армија

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски денеска (9 април) заедно со началникот на Генералштабот, генерал- мајор Сашко Лафчиски во кумановската касарна „Боро Менков“ ја посетија Командата за операции на македонската Армија – команда во чиј состав функционираат сите видови на родови и служби во Армијата.
За време на посетата министерот беше брифиран за активностите на Командата, како и за следните планови за развој. Мисајловски рече дека е горд на припадниците кои се дел од Командата и единиците во нејзин состав, при што додаде дека тие се вистински приказ за професионализмот во Армијата и за посветеноста кон безбедноста и сигурноста на граѓаните.
„Министерството ќе продолжи посветено да работи во поддршка на развојот на Армијата, особено во процесот на модернизација и опремување“, рече министерот на заедничката средба.
Заедно со министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски, Командата за операции ја посетија и заменикот на началникот, генералот Азим Нуредин и директорот на Генералштабот генералот Орце Јордев кои беа пречекани од командантот на Командата, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски.
Во структурата на Командата за операции функционираат Првата пешадиска бригада, Воздухопловниот ВИНГ, баталјонот на воената полиција, баталјонот за врски, извидувачко-разузнавачкиот баталјон, баталјонот за специјални сили и четата за атомска, биолошка и хемиска одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.