Македонија
Мисајловски: Денес, мафијата добива влада, сè што говореа во кампањата е измама
„Ова е денот кога почнува мафијата да добива нова влада и мафијата да добива нова држава“, рече Владо Мисајловски во својот прв говор во Собранието.
Тој праша дали зад владиниот предлог стои Заев или Али Ахмети, дали оваа влада се предлага од оној Заев што тврдеше дека ДУИ со популистичка кампања ќе оди во опозиција, оној Заев кој вели дека ДУИ пет пари не вреди. Но, потсети и на ставовите на Мухамед Зекири, кој тврдеше дека ДУИ е канцер и рак на општеството.
Мисајловски констатира дека коалицијата СДСМ – ДУИ ги спојува парите и моќта.
„Граѓаните треба многу добро да знаат дека сè што говори оваа таканаречена нова влада, сè ќе излаже. Тоа го правеа изминативе три години, тоа ќе го прави и постојано во иднина“, рече Мисајловски. Тој го спомна објектот кај ‘Мавровка’, кој според власта не се знае кој го гради, а Oпштината не може да го сруши затоа што сите заедно се во тендер-коалиција и сите заедно сакаат да останат само што подолго поради власт, моќ и пари.
„Сè она што го ветувавте и го излажавте во кампањата, а сега ќе имаме можност да слушаме и многу повеќе работи, кои сигурно повторно ќе бидат измама. Затоа, господине Талат Џафери, нема да ја добиете поддршката од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мисајловски.
Тој заклучи дека власта нема да се бори за подоброто на граѓаните, за поголеми плати и пензии, туку само ќе се бори како да си ги зачува своите ресори. Но, и дека тој и сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе се борат за граѓаните и за многу нови проекти преку парламентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

