Македонија
Мисајловски на одбележувањето на 25-годишнината од Резолуцијата 1325: одбраната е предводник во политиките за родова еднаквост
Денеска (31 октомври), министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на 25-годишнината од усвојувањето на Резолуцијата на 1325 на Обединетите нации – Жени, мир и безбедност. На настанот во организација на Министерството за одбрана и канцеларијата на „УН вомен“ се обратија и амбасадорот на Европската Унија, Маихалис Рокас, и раководителката на канцеларијата на „УН вомен“, Весна Ивановиќ-Кастаред.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека Резолуцијата 1325 утврди два темелни принципа – прво, заштита на жените и на девојчињата од родово заснованото насилство и, второ, нивно рамноправно учество со мажите во борбата за мирот и безбедноста.
„Така, Советот за безбедност застана зад разумот и дијалогот, а не зад силата и војната. Денес, кога ја одбележуваме 25-годишнината од агендата за жени, мир и безбедност и од Резолуцијата 1325, речиси седумстотини милиони жени и девојчиња живеат во радиус од педесет километри од зоните на конфликтите, што е највисока бројка во последните три децении!“, рече претседателката.
Министерот Мисајловски информира за напредокот во Министерството за одбрана и во Армијата при интегрирање на родовата компонента и родовите аспекти во законските, подзаконските акти и стратешките документи, особено осврнувајќи се на фактот дека во континуитет бројот на припаднички во Армијата се зголемува.
„Особено сакам да го истакнам процентот на офицерки, кој достигна 23 проценти, бројка што постојано расте и е најголема досега. Овде би сакал да додадам дека забележителен успех можеме да видиме и во Министерството за одбрана, каде што денеска процентот на жени што се на раководни позиции изнесува над 50 проценти“, рече Мисајловски.
Тој додаде дека сето ова е постигнато со придонес од вработените во Министерството за одбрана, Армијата, канцеларијата на „УН вомен“ и други претставници од граѓанскиот сектор, кои постојано даваат придонес во промовирање на родовата еднаквост и имплементација на родовата перспектива во одбранбениот сектор.
„Правичната родова застапеност и создавањто еднакви услови за развој во кариера на жените и мажите е една од препознатливите политики и стратешки приоритети во Министерството за одбрана и во Армијата. Врвната професионалност и посветеност кон родовата рамноправност резултираа денес сите позиции да бидат отворени, односно да бидат достапни и за жените и за мажите. А во континуитет работиме и на зголемувањето на застапеноста на жените на раководни и на командни позиции“, заклучи министерот.
Мисајловски порача дека во периодот што следува Министерството и Армијата ќе продолжат активно да се залагаат за спроведување на политиките за родова еднаквост, подигнување на свеста за еднакви можности и унапредување на позициите на жените како во Министерството така и во Армијата.
На денешниот настан се реализираа и две панел-дискусии посветени на националните искуства и на лидерството на жените во безбедносните институции и во мировните мисии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

