Македонија
Мисајловски: Случајот со „Бехтел и Енка“ кој е донесен со европско знаменце е нотиран во извештајот од ЕК

„Кога власта има потреба да направи некој криминал, тогаш прави маневар во јавноста дека се носи супер закон со европско знаменце, но не е тоа така. Кривичниот законик знаете како брзоплето се донесе да не се зборува ништо во еден ден, да помине брзо на комисија за да се спаси некој. А кој се спаси, пример ќе ви кажам зошто си го правеа сето ова за да се спаси еден градоначалник од Струга и 14 кривични пријави да му паднат, тоа е целта. Зошто се носи лотарија со европско знаменце, зошто? За да има некој интерес и ќар“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски на денешната трибина Дебати за Македонија- „Извештајот на ЕУ за Македонија- одраз на реалноста“.
Потпретседателот додаде дека случајот со „Бехтел и Енка“ кој е донесен со европско знаменце е нотиран во извештајот од ЕК.
„Сега во овој момент се префрлаат стотици милион евра на компанија што не започнала со ништо а нема потреба да постојат закони за овој проект, зошто е тоа така направено. Како направија со европско знаменце да се одбере компанија без да има учество за други компании да се пријават па да се дебатира. Видете што е сржта на овој проект, некој да стави подизведувачи, а кога велам некој тоа се СДС и ДУИ, тука е проблемот во Република Македонија кај овие две партии пред се затоа што они бараат како да го наполнат џебот. Сржта е криминалот и корупцијата“, истакна Мисајловски.
Потпретседателот Мисајловски изјави дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ го говореле во минатото за злоупотреба на европското знаменце е нотирано и потврдено во извештајот.
„Нема да гледате дека ако некој ставил европско знаменце дека некој закон ќе се подобри бидејќи европската комисија или Европската Унија го бара тоа, да најголем дел од тие закони ќе бидат подобрени ако имаме чесна Влада. Ние имаме чесен пристап и бевме против овие закони и сеуште сме против овие закони, а не сме против изградба на патишта. На овој начин со европско знаменце може да видиме сите оние што го говоревме во минатото дека се е нотирано во извештајот. Значи ние сме зборувале сите нешто што навистина вреди за Европа, односно за европскиот пат“, рече Мисајловски.
Рече дека треба заедничко сплотување и победа за да има огромна одговорност.
„Законот за либерализација на железничкиот систем е подолго време во мојата матична комисија и често пати баравме да се објасни на граѓаните што точно значи за да видиме која е визијата. Со овој закон што сакаат да направат, прво што направиле отишле по сите европски институции да пренесат дека ВМРО-ДПМНЕ ја кочи европската иднина, па да слушнеме од комитетот за транспорт дека ВМРО-ДПМНЕ кочи, па потоа од инфраструктурната заедница дека повторно ВМРО-ДПМНЕ кочи европски закон. Овој закон се однесува за либерализација на патниот и товарниот сообраќај односно да може да се добиваат лиценци да може да се вози по македонските пруги. Ние како држава и партија не сме против европски закон, јас кога бев министер овој закон не се носеше поради една причина, поради тоа што сакавме да вложиме премногу средства во железницата со нови товарни вагони, возови, локомотиви, подобрување на самите пруги. Се започна со Битола – Каменица, почнаа нови инвестиции, почна кон Бугарија поактивно да се работи иако тоа е проблем на сите Влади, но сега СДСМ го протнува овој закон без да има никаква визија што ќе се случува во иднина. Наместо да велат дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи, ние оставивме простор да се дебатира бидејќи ако не го ставевме на комисија, ќе го ставеа со европско знаменце. Ние многу пати велиме ако некој закон е со европска регулатива како овој ајде да го дебатираме, но кога ќе ги соочиме аргументите и фактите, тогаш нема аргументи и факти, туку само прават како власт нешто да чекираат дека нешто направиле а во позадина што се крие? Дали се крие позади секој еден ваков закон корупција? Верувајте дека се крие, тоа е заштитен знак на оваа власт, ако на ВМРО-ДПМНЕ заштитен знак беа бројките и што повеќе проекти да има во Македонија, овде имаме голем и државен проблем со криминалци и бандити што сакаат да ја ограбат Македонија“, потенцираше Мисајловски.
Мисајловски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има визија и и’ порача на власта колку и да го менуваат кривичниот законик пак ќе одговараат.
„Треба целокупен рестарт во целото општество. Нема сектор каде не треба буквално реформа, прашањето е дали со овој потег што го направија со „Бехтел и Енка“ и толку многу вложување како најскап проект во историјата дали Македонија ќе има доволно средства за многу идни проекти, тоа е многу важно прашање, дали ќе имаме доволно средства за нови капитални проекти, никој не размислува, но ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе размислуваме за визија, за како до Унгарија и до Солун да има брза железница, најмодерна и најубава, тоа е визија за напред, наместо да не заобиколуваат кон Бугарија ние да донесеме развојна програма како да ги подобруваме сите овие процеси. Наместо ние да зборуваме дека буџетот има толку големи дупки и да бараме начин како да го пополниме, додека зборувам јас во Собранието стигна закон, верувале или не државата до крајот на годината се задолжи со нови 500 милиони евра и знаете како ќе се достават овие закони, со европско знаменце. Прв пат во историјата на Македонија нема да идат тие закони да се гледаат во комисијата за финансирање и буџет бидејќи ја претседава пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски туку со европско знаменце задолжувања за трошоците и парите што треба да се дадат на „Бехтел и Енка“ и останати, затоа нас ни треба рестарт“, дециден е Мисајловски.
Мисајловски додаде дека власта носи закон со кој сака да си се спасат од криминалот и корупцијата.
„Ако зборуваме за јавната администрација, немаат донесено закон за јавна администрација со години, целиот нивни мандат и сега на крајот од мандатот сакаат да протнат некој решенија и верувајте тоа решение ќе биде исклучиво како да се заштитат нивните вработувања, односно тие луѓе што ги имаат поставено. Оваа Влада носи закони за еден ден за да се спасат од криминал и корупција“, заклучи Мисајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мухамед Елмази до Арсовска: Ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти, ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава

Мухамед Елмази од „Влен“ на прес-конференција денеска, упати неколку прашања до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Денес сме тука да поставуваме неколку прашања за госпоѓата Арсовска. Госпоѓа Арсовска дали знаете кој е сопственик на оваа зграда? Дали објектот е де факто на вашите коалициони партнери во Градот и во бизнисот?
На какво земјиште е изграден, на државно или приватно?
На чие земјиште е изграден – државно, општинско или приватно? Дали имало располагање со државно земјиште без валидна јавна постапка?
Кој е вистински сопственик на оваа зграда?
Дали во документацијата се води на друго име за да се сокрие вистинскиот сопственик?
Ако да, зошто инспекциските служби не отвориле постапка за лажно пријавување? Дали овој објект го има во урбанистичките планови?
Дали деталниот урбанистички план (ДУП) воопшто предвидува ваков објект на оваа парцела? Ако не, кој и кога дал согласност за отстапување од планот? Дали вие сте учесник во тоа?
Дали е спроведен инспекциски надзор од Општина Сарај? Дали Градежниот инспекторат има издадено решение за уривање или забрана? Ако не – зошто бројните пријави од локалното население останале без одговор“, праша Мухамед Елмази на денешната прес-конференција.
„Г-ѓо Арсовска, пред да продолжите да зборувате за „дивоградби“ и „заштита на јавниот интерес“, одговорете: ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти? Ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава затоа што станува збор за ваш пријател и коалициски партнер? Попатно, прашајте го и Димитар Апасиев?
ВЛЕН ќе инсистира на: Итно постапување на сите градежни инспекциски служби; Итно постапување на финансиската полиција за откривање на скриениот имот за политичарите од ДУИ; Отпочнување кривична постапка за злоупотреба на службена должност и урбанистички криминал против Арсовска; Јавна објава на сите локации во Скопје каде фирми или лица поврзани со кланот на ДУИ градат или поседуваат диви објекти.
Доколку градоначалничката и надлежните служби продолжат да молчат, ќе ги искористиме сите правни и демократски механизми за да го заштитиме интересот на граѓаните. Ќе го спречиме ширењето на бизнис империјата на кланот на ДУИ, во која припаѓа веќе и Арсовска“, изјави Мухамед Елмази.
Македонија
Арсовска до Мухамед Елмази: Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?

„Таман мислиш не може да демонстрираат поголем очај за криминалот во кој се фатени, тие наоѓаат нов првенец од ДУИ! Мухамед Елмази беше член на Совет на град Скопје во овој мандат и истакнат член на ДУИ до септември 2024 година, кога претрпе магична трансформација и стана ВЛЕН за да го постават директор на државното НОМАГАС“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Вчера барав на седница да се зборува за нелегални дивоградби во сите 10 скопски општини, ама Мухамед, иницијативата за дивоградбите од Сарај твоите коалициски партнери од ВМРО ја покренаа и сами си ја повлекоа.
Изгледа си пропуштил вчера на седница на совет кога побарав да се испитаат незаконските легализации на дивоградби во сите скопски општини вклучително Чаир и Сарај. Затоа што сакаш да глумиш политичар и на национална база да го сведеш ВАШИОТ криминал, читај тука: ЈАС ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ И ЗА СЀ ИМАМ ДОКАЗИ.
Сега Мухамед да те прашам:
1. Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?
2. Дали знаеш дека од 150 дивоградби од Чаир кои ги имаме фатено и сме известиле во изминативе 3 години, знаеме во која имаш ГРАТИС стан и живееш во истиот.
3. Дали знаеш дека следен тој предмет ќе го носам во јавното обвинителство бидејќи империјата на ТВОЈАТА УРБАНА МАФИЈА ќе ја срушам и воопшто не ми е гајле од која партија доаѓа!“, додаде Арсовска.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја, Ким Донгбае

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја со седиште во Софија, Ким Донгбае.
Посакувајќи му добредојде на амбасадорот Донгбае, таа изрази задоволство од пријателските односи и од конструктивната соработка меѓу двете држави, по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година. Оцени дека постои волја и посветеност за искористување на потенцијалите и интензивирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката ја посочи важноста од развојот на соработката, потенцирајќи дека корејската економија нуди големи можности за партнерство во повеќе области, особено во информатичката технологија, дигитализацијата и обновливите извори на енергија, а од друга страна, нашата држава со стратегиската локација во срцето на Балканот, нуди поволни услови за корејските инвеститори и компании.
Таа изрази уверување и подготвеност за натамошен развој на соработката на мултилатерален план, особено во рамките на Обединетите нации. Малите и средни земји, според неа, треба да дејствуваат единствено, можат да понудат знаење и заслужуваат да имаат посилна улога во одлучувањето за глобалните прашања.
Обајцата ја истакнаа потребата заеднички да работат на отворање на резидентни амбасади во Скопје и во Сеул.
Сиљановска-Давкова, во духот на начелото на реципроцитет, побара да се укинат визите за македонските граѓани, со оглед на фактот на нивното непостоење за граѓаните на Република Кореја.
Амбасадорот Донгбае оцени дека по воспоставувањето на дипломатските односи пред шест години, двете држави станаа успешни партнери и изрази спремност за нивно продлабочување и проширување. Тој го посочи развојот на економската соработка како приоритет во неговата работа.
Претседателката Сиљановска-Давкова упати честитки по повод изборот на Ли Џе-Мјунг за нов претседател на Република Кореја на вчерашните вонредни претседателски избори.
На амбасадорот Ким Донгбае му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.