Македонија
(Видео) Митева: Од 8 активни меѓународни арбитражи, оваа Влада успешно заврши 3 во полза на Македонија

Од осум активни меѓународни арбитражи оваа Влада успешно заврши три во полза на Македонија, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
„По вчерашната информација дека Македонија го доби случајот познат како Казандол и заштеди 115 милиони евра, пари на граѓаните, цениме дека јавноста има потреба да ги знае работите, кои во согласност со класификацијата на доверливост може да се споделат во јавноста. Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, со посветеност и со сериозна работа“, рече Митева.
За обвинувањата од СДСМ дека оваа арбитражна постапка била добиена и завршена уште во 2023 година кога тие биле дел од Владата, Митева побара, прво, да одговорат зошто во 2023 во првата половина од април во Виена се водени преговори за можна спогодба со Казандол помеѓу претставници од владата и претставници од страна на тужителите и, второ, зошто тогаш оваа влада носи одлука и зазема став да ја одбие предложената спогодба?
„Генералната состојба е следна – со доаѓањето на новата Влада во јуни 2024, таа наследи 8 активни меѓународни арбитражни постапки, што претставува рекорден број активни арбитражни постапки во даден момент, од кои 3 постапки беа инвестициски спора 5 трговски, како и најава со опомени пред тужби за најмалку уште 4 постапки. Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета за буџетот на државата беше во износи од 865 милиони евра плус трошоци во постапките“, рече Митева.
Таа праша зошто токму во периодот на претходната влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавал терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување пари од буџетот на граѓаните.
Митева рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ има успешно завршено вкупно 3 арбитражни постапки во полза на Македонија и е направена заштеда на буџетот во износ од речиси 565 милиони евра и дополнително за овие 14 месеци нема нови отворени постапки.
Постапките што се завршени се арбитражна постапка, позната како „Казандол против Македонија“, со вредност од речиси 115 милиони евра, арбитражна постапка, позната како „САСА против Македонија“, со вредност од 445 милиони евра и арбитражна постапка „ГАМА против Македонија“, со вредност од над 5 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.
Македонија
На Табановце се чека околу 10 до 15 минути за излез од државата

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 10-15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Општина Карпош: Го демантираме другарот на Мицкоски, Сотир Лукровски, дека има нерешени 11 000 предмети за легализација, а тој ќе ги решел за две и пол години

„Општина Карпош во целост го демантира другарот на Христијан Мицкоски, Сотир Лукровски, дека во општина Карпош има нерешени 11 000 предмети за легализација и замислете, тој ќе ги решел за две и пол години. Фактите говорат дека општина Карпош од 2011 до 2018 година има примено вкупно 12688 барања и од нив досега се решени 9385, а останати се уште 3303 барања“, велат од општина Карпош.
„Најголем дел од нив се со нерешени имотно-правни и оставински постапки и се чека на завршување на судска постапка, на друг дел е побарана дополнителна документација, и мал дел се во постапка за решавање.
За кандидатура на градоначалник основен услов за кандидатот е да биде добро информиран и да не кажува лаги. Ако кандидатот во кампања кажува лаги, какво ли ќе биде неговото функционирање како Градоначалник!?
Општина Карпош го замолува г-дин Христијан Мицкоски да го едуцира својот кандидат и го замолуваме да не ги вознемирува директорките на градинките и училиштата“, соопшти општина Карпош.