Македонија
Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ ги даде предлозите за комисии во Собранието, застој има кај владејачкото мнозинство
ВМРО-ДПМНЕ ги доставило предлозите за комисии во Собранието, а застој има кај владејачкото мнозинство, рече Никола Мицевски, пратеник од редовите на опозициската партија.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена го даде својот дел од предлозите за комисиите и работните тела во Собранието. Кој е проблемот и застојот и каде има проблем владејачкото мнозинство за договор помеѓу нив, односно кој која комисија да ја води и на кој начин да функционираат, ќе побарате одговор од нив. Очекувам да биде закажана комисијата за избори и именувања на којашто се дава еден заеднички консензуален предлог за сите членови во сите работни тела“, истакна Мицевски одговарајќи на новинарски прашања.
Тој додаде дека врз основа на бројот на освоени мандати секоја политичка партија предлага и се знае колку точно членови има во секоја комисија. Мицевски очекува дека ќе ги задржат комисиите коишто ги раководеле во претходниот мандат, освен комисијата за избори и именувања, којашто во зависност од бројките што биле постигнати на овие избори има мала измена и сега ја раководи СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу–Мемишоглу: Постои можност за уште поинтензивна македонско-турска соработка во здравството
Во рамки на 11. Турски медицински конгрес кој се одржува во Анкара, министерот за здравство, Азир Алиу оствари средба со министерот за здравство на Република Турција, Кемал Мемишоглу.
„Имаме многу заеднички предизвици во здравството, од потребата за јакнење на човечките ресурси и модерна инфраструктура, до дигитализација што ќе ја направи грижата побрза, поефикасна и поправична за секој граѓанин. Убеден сум дека преку размена на експертиза и партнерства меѓу нашите институции можеме заеднички да градиме политики кои директно ќе значат подобар пристап и покавалитетни здравствени услуги за нашите граѓани“, рече на средбата министерот Алиу.
Република Турција беше една од земјите кои ја пружија својата поддршка за хоспитализација и третман на повредените лица од пожарот во Кочани, потсетува Министерството за здравство.
Министерот за здравство на Република Турција, Кемал Мемишоглу изрази задоволство од добрата соработка меѓу двете пријателски земји, притоа нагласувајќи дека постојат уште многу можности за интензивирање на оваа соработка во повеќе здравствени сегменти.
Македонија
Мицкоски: Нема да има нови ресори, еден човек ќе биде и вицепремиер и министер
Нема да има нови ресори, еден човек ќе биде и вицепремиер и министер за нешто, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со пополнување на испразнетите ресори поради заминувањето на Изет Меџити на градоначалничката позиција во Чаир, а тој беше и прв вицеремиер и министер за животна средина.
Мицкоски најави дека оваа недела ќе се знаат имињата и рече дека тоа се оние имиња што горе долу циркулираат во јавноста.
„Можам да кажам дека оваа недела ќе се знаат имињата. Но, она што е сигурно е дека политичките партии, кои ја сочинуваат коалицијата ‘Вреди’, оние ресори, оние портфолија што досега беа во Владата, ќе ги задржат, така што тука нема да има дополнителни промени, нема да има дополнителни сектори. Тоа е договорено во рамките на нашата заедничка коалиција“, рече Мицкоски.
Македонија
Сомнеж за труење со храна: ученици од Скопје со стомачни болки, затворена кујната во училиштето
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на ООУ „Димо Хаџи Димов“. Надзорот следува по утринското известување дека поголем број ученици пријавиле стомачни болки.
Кујната е привремено затворена додека се утврдува можниот извор на евентуално труење со храна. Според националниот протокол, ќе се спроведе епидемиолошка анкета и ќе бидат земени мостри од храната, работните површини, приборот и од машините за лабораториско тестирање.
АХВ информира дека по завршувањето на контролата, јавноста ќе биде известена за утврдените активности и изречените мерки.

