Македонија
Мицкоски: Барам слобода за Ламбе, а власта да ги увиди своите грешки

Тоа е резултат или реакција на политиките на оваа криминална и анационална влада, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за притворањето на Ламбе Алабаковски.
Мицкоски побра ослободување на Алабаковски, додавајќи дека тоа е реакција на сите погрешни политики на владата изминатите години, потенцирајќи дека ниту претходно кога се уништувал државен имот од страна на Шарената револуција, ниту пак сега не прифаќа насилство.
Мојата порака е до оние кои што пред само неколку години како припадници на една револуција уништуваа државен имот, бојадисуваа државен имот, палеа канцеларија на претседател на држава, да ги ослободат судиите и обвинителите да донесат пресуда согласно правдата, да го ослободат Ламбе, да помине со укор, иако морам да признам ниту тогаш ниту сега насилството не го прифаќам како начин на решавање на проблемите. Но, ова е реакција на сите овие погрешни политики изминатите години и затоа барам слобода за Ламбе, да го ослободат човекот и да се свртат сами кон себе, да ги видат своите грешки за ова да не стане масовна појава во Македонија, бидејќи народот е револтиран правдината да ја земе сам во свои раце, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Приведен демонстрант кој повреди полицаец

Приведен е демонстрант кој повредил полицаец за време на вчерашниот протест и против него поднесена кривична пријава, соопшти МВР.
„Денеска (07.07.2022) од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје, по преземени мерки и активности, лишен е од слобода Г.К.(22) од Скопје. Имено, на 06.07.2022 околу 20.35 часот, за време на одржување на јавен собир на граѓани, организиран преку социјални мрежи, Г.К. започнал да фрла со тврди предмети кон полициските службеници кои вршеле службени дејства околу обезбедување на собирот, нанесувајќи му повреда на еден од нив.
Во координација со ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава по брза постапка за кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385 од Кривичниот законик и лицето е изведено пред Судија на претходна постапка“, велат од полицијата.
Македонија
(Интервју) Марјан Ѓорчев: Францускиот предлог нè фрла во амбис и води кон сeриозни проблеми

Македонија е внедрена во погрешна рамка закачена на погрешен ѕид, тој ѕид нè оддалечува од европската перспектива и не се знае кога ќе можеме да ја реализираме нашата желба Македонија да биде една од жолтите ѕвезди на ЕУ, вели во интервју за „Макфакс“ поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во врска со францускиот предлог.
„Република Бугарија ни одржа лекција во политичка култура“, оценува Ѓорчев.
„И додека кај нив сè беше направено со една отворена дебата, нашите институции не ја кажуваат вистината дека се преговарало. Значи, тој таен пристап е погрешен“, нагласува Ѓорчев.
„Францускиот предлог каков што е, не само што е неприфатлив за нас, тој е противречен сам по себе“, дополнува Ѓорчев, но појаснува дека тој им противречи и на темелните вредности на ЕУ.
Предупредува дека во „отворањето на Уставот лежи стапицата“ за решавање на спорот со Бугарија.
„Уставот не е алваџиски тефтер да го отворате кога сакате“, потенцира Ѓорчев во интервјуто за „Макфакс“
„Каде е ставот на МАНУ, таа мора да биде консултирана. Бугарското општество секогаш, прво, се консултирало со бугарската Академија, што ќе кажат белите коси, што ќе каже мудроста. Ние ќе криеме, па потоа ќе отвориме нешто што нема да го дозатвориме и ќе дојдеме до ситуација на рационализација. Што треба да направиме ние за да не си ја скршиме главата од ѕидот, треба да бидеме рационални, но и мудри?“, вели Ѓорчев.
Според него, власта не го објавува протоколот затоа што, како што вели, тој е многу сензибилен и претставува тежок товар, кој ќе предизвика дополнителни емоции кај секој Македонец.
За македонскиот јазик, историските прашања, кои се опасните делови и каде се кријат замките во францускиот предлог од страна на Бугарија, во интервју за „Макфакс“ одговара поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
Македонија
Притвор за осум лица што учествувале во настаните пред Собранието

Основниот кривичен суд Скопје информира дека 8 лица во текот на вчерашниот ден биле спроведени пред судија поради учество во настаните пред Собранието на 5 јули.
„Со произнесување на осомничените во присуство на бранител судот донесе решенија, со кои на 7 од осомничените им определи мерка куќен притвор, а на еден од осомничените мерка притвор, сите во траење од 8 дена во согласност со предлогот на Обвинителството за водење истрага во скратена постапка, а поради постоење на основите од чл. 470 ст. 1 т. 1 и 2 од ЗКП, односно опасност од бегство и можност да го повтори делото“, информираа од судот.
Против овие неправосилни решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.