Македонија
Мицкоски во Радовиш: Правда и закон мора да има и сите ќе одговараат, нема пакт со криминалот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата и носителот на ИЕ 4, Александар Николоски вечерва од Радовиш во кампањата „Исправи се Македонијо!’ порачаа дека со заокружување на бројот 14 граѓаните избираат обнова на Македонија. Мицкоски ги повика радовишани да излезат на 15-ти јули и да гласаат против оваа ненародна власт предводена од Зоран Заев.
„Уште рано наутро, заедно да излеземе и да се обединиме, бидејќи Македонецот секогаш се обединувал кога било најтешко“, рече Мицкоски.
„Пред нас се парламентарни избори, на кои што ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот и коалицијата за обнова на Македонија, е пред историски најголема победа која што ќе се случи на 15 јули. Урнавме политичари кои практично ја добија на тацна владата. Политичари кои тоа не го заслужија бидејќи ги загубија последните парламентарни избори одржани во 2016 година. Впрочем, не можам да се сетам на ни една парламентарна победа на СДСМ последниве 18 години. Така ќе биде и после 15 јули. И така СДСМ ќе биде со цели 22 години без победа. Ја клекнаа Македонија на колена, а овие луѓе се практично на власт незаслужено. Секаде каде што поминуваме низ државата, луѓето велат, не сакаме да живееме во ваква држава. Не сакаме вакви луѓе да ја водат нашата држава. Затоа велам, во оваа борба најголем мотив ми е мојот народ, македонскиот народ“, рече од говорницата Мицкоски.
Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ се бори и ќе се бори за просперитетна држава која припаѓа на сите граѓани. Држава која под еден кров ќе ги собере и оние кои се десни и оние кои се леви и во центарот, политички определени и неопределени, и Македонци, Власи, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци и сите обесправени, омаловажени, покрадени, потчинети и излажани.
„Ние втора држава немаме. Тука сме се родиле тука сме се радувале, тука сме тагувале. И токму вреди оваа жртва која заедно со нас, која што ние заедно со народот рамо до рамо ја правиме, за да ја победиме оваа трогодишна пандемија предизвикана од СДСМ предводена од Зоран Заев, а потоа да си ги засукаме ракавите и да си ја обновиме државата. Наместо да ја понижуваат нашата Македонија, да и ја виткаат кичмата и да ја парчат и распарчуваат, требаше да направат нешто, но тие ниту можеа ниту сакаа. Не донесоа ниту правда, ниту мир. Но, наместо правда ни донесоа Луј Витон куферче. А наместо мир, донесоа немир во душите на многумина. Во душите на родителите на оние кои ги дадоа животите во Диво Насеље, на родителите на децата од Смилковско, а пред изборите во 2016-та им ветуваа дека ќе ја дознаеле вистината. Патриотите денеска се судат и лежат по зандани по 15, 16 и повеќе години. Ете таква правда донесе Зоран Заев во државата“, рече Мицкоски.
По победата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ доаѓаат подобри години за државата посочи Мицкоски.
„Јас ви ветувам дека веднаш после 15 јули после формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, правда и закон мора да се почитува во целата држава и сите ќе одговарате од прв до последен. Нема пакт со криминалот“, порача Мицкоски.На крајот Мицкоски пред жителите говореше за програмата и проектите на ВМРО-ДПМНЕ, на која работеле многу професори, доктори, научници, правници како домашни така и странски, и која ќе се спроведува веднаш чим Коалицијата за обнова дојде на власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Повлекувањето на обвинението против Димитриевски е срам за правдата

Скандалозен е потегот на Основното јавно обвинителство Куманово, кое, само неколку дена пред завршните зборови во судска постапка, го повлекло обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски без никакво објаснување, реагира СДСМ.
„Ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност“, изјави Соња Тодоровска, секретар на Општинската организација на СДСМ Куманово.
Според неа, станува збор за случај што бил воден повеќе од една година и се однесувал на злоупотреба на службена положба и нанесена штета од над 3 милиони денари, поврзано со издавање дозвола за градба. Од СДСМ обвинуваат дека обвинителството, без нови докази или промена на фактите, одлучило едноставно да се откаже од случајот.
„По чиј налог? Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса?“, праша Тодоровска, повикувајќи на итна истрага за одлуката и за мотивите зад неа.
СДСМ тврди дека ова е јасен показател за постоење на политички влијанија врз правосудниот систем, со цел прикривање на одговорност и заштита на поединци блиски до власта.
„Ова е срам пред правдата, направен во Куманово и уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити“, рече Тодоровска.
Партијата предупредува дека без независно обвинителство и непристрасно судство, нема ни правна држава, ниту доверба во институциите, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност.
Македонија
Мицевски: Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Струмица се заканувал со гасење струја за гласови

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, остро ги критикуваше предлог-кандидатите на СДСМ за претстојните локални избори, оценувајќи дека партијата тргнува кон сигурен пораз со, како што рече, истрошени и дискредитирани личности.
„Наместо нови и вредни луѓе, тие повторно нудат истрошени фигури, проверени послушници на Заев и Филипче“, изјави Мицевски, додавајќи дека предложените кандидати немаат углед ниту поддршка кај граѓаните.
Како пример, Мицевски го посочи кандидатот за градоначалник на Струмица од редовите на СДСМ, Марјан Даскаловски, кој, според него, е симбол на притисоци, закани и злоупотреба на политичка моќ.
„Даскаловски под насока на Заев во 2014 година се заканувал со бркање од работа и гаснење на струја на ромски семејства ако не го дале гласот за СДС“, изјави Мицевски.
Тој додаде дека, иако лицата се менуваат, „матрицата останува иста“ – односно дека, според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и натаму нуди кадри кои „сеат страв, се закануваат и го дестабилизираат општеството“.
Македонија
Алијансата за Албанците: Новата програма по историја е дискриминаторска

Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагира на новата наставна програма по историја за основно и средно образование, обвинувајќи ја Владата за дискриминација, фалсификување на историјата и исклучување на албанските експерти од процесот на изготвување на програмите.
„Во држава која се нарекува мултиетничка, исклучувањето на албанските историчари од работните групи за изготвување на наставните програми е институционален скандал и директна навреда за сите граѓани Албанци“, реагира партијата.
Алијансата наведува дека новата програма е изготвена на нестручен, тенденциозен и дискриминаторски начин, со што, како што велат, се избледува историскиот идентитет на Албанците и се минимизира нивниот придонес во балканската и европската историја. Меѓу посочените примери е и насловот „Илири и Дарданци“, кој според партијата е апсурден и ненаучен, бидејќи Дарданците се неразделив дел од илирското стебло.
„Ова не е обичен апел, туку силен повик за правда, еднаквост и достоинство во третманот на нашето заедничко минато“, порачуваат од Алијансата, повикувајќи го Министерството за образование итно да прекине со одобрување на учебници базирани на спорните програми и да обезбеди рамноправно учество на албанските историчари.
Партијата додава и дека ако историјата се искривува денес, иднината ќе се гради врз лаги.