Македонија
Мицкоски до Беџети: Никого не сум обвинил предвреме, Обвинителството ќе се произнесе за пожарот во Кочани

Колку што сум информиран од страна на Министерството за внатрешни работи, истрагата сè уште е во тек и претпоставувам по службена должност комуницира со ОЈО и во рамките на таа истрага дека или ќе има или ќе нема нови елементи, ќе видиме, ОЈО ќе се произнесе, му одговори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети, на денешната собраниската седница за поставување пратенички прашања во однос на трагедијата во Кочани.
Мицкоски потенцира дека ОЈО треба да ја заврши истрагата и да се утврди дали приведените лица имаат сторено криминал или не, посочувајќи му дека тој не може да обвинува никој како што Беџети вели дека обвинувал предвреме.
„Јас никогаш не се изразив така како што вие велите, да осудам предвреме, иако и јас лично и како политичка партија, но и голем дел од нас знае што значи да се биде жртва на таков тип на политички квалификации, сме го почувствувале тоа изминатите 7 години. Знаеме точно тоа како изгледа и не би сакале никому да му го правиме бидејќи за нас важи едно правило, не им го прави на луѓето она што не сакаш тебе да ти го прават.
Така што, истрагата е во тек, ОЈО претпоставувам ќе се произнесе кога ќе ја заврши и доколку ја заврши оваа истрага, претпоставувам, а и вие како правни лица многу подобро од мене и повешто го знаете, ќе се произнесе дали лицата што во моментот се обезбедени имаат основано сомневање за сторено кривично дело или немаат. Јас не би навлегувал во детали ниту, пак, би обвинувал, а не сум ни обвинувал, како што вие велите“, му порача Мицкоски на Беџети.
Мицкоски истакна дека вакви фалсификувани лиценци издадени од секторот угостителство под Министерството за економија и труд се утврдени од страна на Државниот пазарен инспекторат во целата држава.
„Точно е тоа дека јавно кажав оти е возможно да влијаам на истрагата ако кажам дека постои фалсификуван документ, односно лиценца за истиот клуб во кој се случи овој трагичен настан. И точно е дека откога се провери во архивата на Министерството за економија и труд, под тој архивски број е заведен поинаков документ. Јас не го измислив тоа, тоа го покажа сопственикот на клубот во текот на самата истрага. Дали тоа ќе влијае позитивно или негативно – не знам, исто како што, господине Беџети, ДПИ и Министерството за економија и труд констатираа дузина вакви слични документи за други клубови во Македонија.
Еве, ако влијаеме селективно, како што вие велите во овој клуб, тогаш што е со другите дузина вакви документи за дузина вакви ноќни клубови во целата држава“, праша Мицкоски и посочи дека таквите документи биле издавани од страна на Министерството за економија, односно Секторот за угостителство.
Мицкоски нагласи дека од 2008 година министер за економија е лице на предлог на политичката партија на ДУИ.
„Од 2008 година па наваму министри биле на предлог на ДУИ и ако се види почетокот на овој клуб кога почнува да функционира, во 2012 или 2013 година, повторно министер во ова Министерство бил предлог на ДУИ. Од тогаш па натаму додека постоел овој клуб, министер бил на предлог на ДУИ. Се поставува тогаш прашањето кој ги потпишувал и кој ги издавал овие документи, таму стои по овластување на некого, овластување на министерот, а некои и своерачно ги потпишувал министерот, но тоа ќе оставиме да покаже истрагата и да даде одговор“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.