Македонија
Мицкоски: Европскиот извештај како најголема слабост повторно ги посочува правосудството и реформата на администрацијата
Премиерот Христијан Мицкоски го доби извештајот на Европската Комисија кој се однесува на напредокот во изминатата година.
Со извештајот, како што рече Мицкоски, опфатени се практично три влади, една политичка влада, една техничка влада и една влада која беше избрана на 23 јуни оваа година.
Мицкоски изјави дека и без извештајот, свесен е оти граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и борба против корупцијата.
„Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди“, изјави Мицкоски, додавајќи дека го охрабрува тоа што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не било случај во минатиот извештај.
Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација.
„Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Не’ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт- извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и останатите чинители во општеството – приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница“, рече Мицкоски.
Премиерот е дециден дека нема отстапување од реформите, бидејќи тоа е единствениот начин за да се подобри животот на граѓаните и да се зајакне македонското досие на патот кон членството во ЕУ.
Мицкоски напомена и дека граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се редат пријави за лажни ТОЕФЛ сертификати како тој на Христовски, Обвинителство мора да реагира, бара СДСМ
„Се редат пријави за лажни ТОЕФЛ сертификати од Пловдив, Бугарија. Медиумите јавуваат за поднесени нови пријави до ЈО како и за веќе завршени судски пресуди на директорки на јавни установи кои по кривична пријава од МВР се казнети затоа што приложиле сертификат од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“, соопшти СДСМ.
„Станува збор за истото место и истото правно лице од каде што е и сертификатот на партиски назначениот директор на АНБ, Бојан Христовски.
За случаите со двете директорки, МВР постапило и воопшто не чекало да се изјасни Државната комисија за спречување на корупцијата туку реагирале.
МВР и Тошковски и во случајот со Христовски треба да реагира на истиот начин. Да не чека туку неселективно да постапи по закон и да му поднесе кривична пријава за основано сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистината содржина“.
И Јавното обвинителство мора да реагира, согласно своите надлежности да отвори истрага за утврдување на одговорност за скандалот со незаконското поставување на директор на АНБ.
СДСМ поднесе иницијатива и бараме свикување на собраниската Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР на којашто ќе биде поканет директорот на АНБ и ќе даде одговор на сите прашања и основани сомнежи“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Странец осомничен за давање поткуп на Блаце, Обвинителството достави предлог за притвор
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Давање поткуп согласно член 358 став 1 од Кривичниот законик.
На 30 октомври, на граничниот премин „Долно Блаце”, при влез во државава, осомничениот 50-годишник директно на службено лице му дал подарок за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши.
Откако претходно, при пасошка контрола и проверка, полицискиот службеник констатирал дека осомничениот веќе престојувал во Република Северна Македонија 90 дена во изминатиот период од 180 дена, по што му одбил влез, осомничениот за 20-тина минути се вратил на граничниот премин и директно на раководителот на смена му дал парични средства во износ од 100 евра со цел да му дозволи да оствари влез во државава.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, особено имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин кој нема регулиран престој во земјава и дека постои реална опасност од бегство.
Македонија
Денеска сончево со мала облачност, од недела заладување
Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 9, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла, а преку денот сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец кој во делови од котлината краткотрајно ќе засилува. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 23 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на стабилно и суво време со слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен северен ветер најизразен во ноќта кон недела. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневните температури во периодот до сабота ќе бидат пониски за некој степен, а од недела ќе бидат пониски за 4 до 5 степени.