Македонија
Мицкоски за средба со Филипче: Стојам на располагање во секое време, јас сум сериозен човек

Подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ, Венко Филипче, но непристојно е за ова да се разговара преку медиуми. Јас сум сериозен човек и најмалку што треба е да се прави естрада на јавна сцена, изјави премиерот Христијан Мицкоски откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција рече дека е потребен концепт за нов општествен и политички дијалог и дека е спремен во следните денови за ова да разговара со премиерот.
На новинарско прашање дали ќе има среда со Филипче, Мицкоски рече дека стои на располагање во секое време.
„Јас кажав дека ова е сериозна тема и за сериозна тема се седнува и се разговара. За мене е непристојно преку медиуми да се разговара. Јас реков, подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ да го образложи планот, бидејќи се сериозни времиња, јас сум сериозен човек и најмалку што треба е да се прави естрада на јавна сцена. Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време, на полноќ на полноќ, после полноќ после полноќ. Кога ќе каже тогаш, да го сослушам неговиот план и да видиме дали може со тој план нешто да се реши“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека, сепак, нема да прифати секакви планови.
„Доколку планот опфаќа „пристап Стабри“ како што беше за време на короната, тогаш јас такви планови не можам да прифатам“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Tрајко Славески е предлогот на Сиљановска-Давкова за гувернер на Народна банка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка.
Од нејзиниот кабинет велат дека при носењето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
Се додава и дека изборот бил тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати.
Трајко Славески е актуелен претседавач со Советот на Град Скопје.
Македонија
Реновирани спортските капацитети на полициското одморалиште во Пониква

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, денеска во одморалиштето на МВР во Пониква ги пуштија во употреба реновираните спортски капацитети наменети за вежбовни активности на полициските службеници.
„Со министерството за спорт неодамна потпишавме Меморандум за соработка со кој ќе ги надградиме, реновираме и унапредиме поголемиот дел од спортските капацитети на министерството за внатрешни работи. Вложувањето во капацитетите на кои се обучуваат полициските службеници е влог во стабилноста и безбедноста на државата.
Во рок од месец дена беше поставена основа за фудбалско игралиште и фитнес зона со монтирање на сите реквизити. Игралиштата за фудбал, кошарка и одбојка се опремија со полипропиленски подови, обележени и со нови реквизити. Истите добија и трибини од по 2 реда за следење на натпреварите. Покажуваме дека преку добро планирање и соработка помеѓу институциите, јасна визија и одлучност, може да се изградат услови кои ги задоволуваат современите полициски потреби“, истакна министерот Тошковски.
Во меѓувреме преку оваа соработка на двете министерства се работи на реновирање на спортските капацитети на Центарот за обука на МВР во Идризово каде се создаваат и унапредуваат сите полициски човечки капацитети.
Македонија
Со шесте милијарди евра за Македонија ќе се градат брза пруга, болници, студентски дом – Николоски од Лондон со детали за договорот

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој ја предводи официјалната делегација на Македонија во Обединетото Кралство, оствари средба со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање на Обединетото Кралство – УКЕФ, на која што беше разговарано за деталите околу средствата што и се ставаат на располагање на Македонија за реализација на инфраструктурни проекти.
„Се работи за 5 милијарди фунти кои што се ставаат на располагање на Македонија, нешто што беше потврдено од страна на УКЕФ и можам со задоволство да кажам дека овие 5 милијарди фунти односно 6 милијарди евра после овој состанок дефинитивно се ставени на располагање на Македонија. Истите можат да се користат за проектно финансирање, тоа значи дека се врзани за проекти што значи дека ќе носат додадена вредност на Македонија. Тоа се проекти во делот на транспортот, здравството, образованието, во делот на енергетиката и животната средина“, рече Николоски.
Додаде дека се разговарало за три сета на проекти, едниот е брзата пруга на коридор 10 од Табановце до Гевгелија, вториот е изградба и реконструкција на болници во Кичево, Тетово и Штип и третиот е изградба на медициски факултет заедно со студенски дом во Штип.
Тој рече и дека после потпишувањето на договроот Влада со Влада утре и ратификацијата на истиот во Собранието, ќе започнат со официјални разговори во однос на начините на финансирање и реализација на овие проекти.
Со Николоски во Лондон е и потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, утре ќе им се придружи и министерката за образование Весна Јаневска, а со него е и директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, членови на кабинетот.
Николоски ќе се сретне и со министерот за внатрешни работи на Велика Британија, министерот за одбрана, а утре со минстерот за економија и извоз заедно ќе го потпишат Договорот Влада со Влада.
Договорот ќе оди на ратификација во Собранието, а во Велика Британија го усвојува Владата.