Македонија
Мицкоски: Зголемувањето на минималната плата мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавците
Целта на Владата е да создаде посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на Економско-социјалниот совет.
„Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително“, рече тој.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но кажа дека зголемувањето мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.
„Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но исто така сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија. Затоа паралелно со разговорите за минималната плата, мора да работиме на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал. Само така ќе создадеме услови платите да растат континуирано, без да се загрозат работните места или конкурентноста на компаниите.“
Премиерот Мицкоски посочи дека Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес.
„Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес. Ќе ги поддржиме сите решенија што се правични, економски издржани и договорени преку консензус. Наш интерес не е краткорочен политички поен, туку долгорочна стабилност, предвидливост и економија што може да ги издржи предизвиците на современото време. Верувам дека преку искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка визија, можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите. Тоа е патот кон посилна економија и посигурна иднина за нашата држава“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) „Мобилизирани се сите служби“: Кисела Вода се справува со снежните наноси
По снежните врнежи кои го зафатија цело Скопје, општина Кисела Вода од раните утрински часови спроведува интензивни активности за чистење и одржување на патната инфраструктура со цел обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, извести Општината.

„Активиран е Кризниот штаб на општина Кисела Вода, кој е во постојана комуникација со сите надлежни служби и ја координира работата на терен, овозможувајќи ефикасно справување со зимските услови.

Со целосно ангажирана и расположлива механизација, камиони и екипи, континуирано се работи на расчистување на снегот и посипување сол на критичните точки каде што е евидентирана појава на мраз. Во моментов, активностите се одвиваат во населбите Припор, Пинтија и Драчево, како и пред градинките, училиштата и автобуските постојки.

Ангажирани се сите сезонски работници, а екипите се постојано присутни на терен за навремено да одговорат на сите пријави и состојби кои би можеле да го отежнат сообраќајот и секојдневното функционирање“, велат од Општината.

Општина Кисела Вода апелира до граѓаните за зголемена внимателност при движењето и почитување на сообраќајните правила, додека општинските служби продолжуваат со активностите сè до целосна стабилизација на состојбата.
За пријавување на проблеми поврзани со снег, замрзнати улици или отежнат пристап, граѓаните можат да се обратат на следните телефонски броеви:
Димитар – +389 72 443 500
Дарко – +389 78 383 746
Македонија
Судиите за случајот Ристов: темелна истрага, почитување на пресумцијата на невиност, воздржаност од генерализирање
Здружението на судиите искажа поддршка на институциите во борбата против организираниот криминал и корупцијата, по притворaњето на судија од Апелациониот суд во Скопје.
Во соопштението, Здружението нагласува дека очекува темeлна, прецизна и транспарентна истрага за да се утврдат сите факти и евентуалната инволвираност на други лица, без селективност и со почит кон законските процедури.
Во случај на докажана корупција, Здружението јасно се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој го нарушува интегритетот на судскиот систем, но истакнува дека таквите појави не треба да се поврзуваат со огромното мнозинство судии кои чесно ја извршуваат функцијата.
Организацијата бара целосно почитување на угледот на чесните судии и воздржаност од генерализации кои ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Здружението на судиите нагласува дека секоја постапка мора да се спроведе со почит на принципот на пресумпција на невиност и без сензационализам, покажувајќи достоинство, неселективен пристап и почитување на човековите права.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Општина Центар го расчистува снегот, фрлени 15 тони сол
Службите на Општина Центар од утринава се на терен и интензивно работат на расчистување на снегот. Фрлени се 15 тони сол на коловозите, со приоритет на најкритичните точки. Механизацијата интервенира на пристапите кон Водно, каде што се расчистува снегот и се фрла сол, известуваат од Општината.

Паралелно се чистат тротоарите и пешачките патеки, како и просторот околу здравствените установи, училиштата и градинките, за безбедно движење на граѓаните и учениците.

Општина Центар ги повикува граѓаните да пријавуваат критични точки со цел службите веднаш да интервенираат и да го расчистат теренот, на телефоните: 075 219 068, 076 313 381 и 075 476 768, велат од Општината.

„Нашите служби се постојано на терен. Имаме доволни залихи на сол, а механизацијата го расчистува снегот на местата кои се под наша надлежност“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.



