Македонија
Мицкоски: Има индиции дека врхушката на МВР соработува со криминални групи

При денешната посета на општина Ѓорче Петров, во рамките на активноста „Важно е! Од тебе зависат промените“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на престрелката среде најпрометниот трговски центар и коментар на тоа што Спасовски вели дека Скопје е безбеден град, истакна дека Спасовски е министер речиси 8 години и срамота е со позицијата со која излегува во јавност, но има индиции дека врхушката на МВР во изминатите 6 години соработувала со криминални групи и за тоа ќе бидат формирани работни групи и ќе има одговорност.
„Па, човекот, ако се земе оној период кога беше во техничката влада во 2016, е речиси 8 години министер за внатрешни работи, со исклучок на неколку месеци кога беше технички премиер и тогаш ја опструира работата на тогашниот технички министер за внатрешни работи преку тогашната заменичка, сега министерка за одбрана, Славјанка Петровска. Срамота е што по 8 години, тој на очиглед на сите излегува во јавноста со позиција што е смешна и трагична. Тие што требаше да бидат подземје и тие што требаше да бидат гонети и да одговараат за криминалот сега се над земја“, рече Мицкоски.
„Јас мислам дека овој човек треба да биде сериозно загрижен по промената на Владата во Македонија затоа што има многу информации што доаѓаат и многу индиции што доаѓаат до нас за тесна соработка помеѓу врвот на внатрешни работи со овие криминални групи, без разлика дали едната криминална група носи име на едно населено место не далеку од овде или другата криминална група носи име на населено место малку подалеку од овде, но повторно во околината на Скопје. И има индиции дека заедно многу сериозно, ортачки, работеле во изминатите 6 години од како се Влада, а малку подолг период од како тој е министер за внатрешни работи. И мислам дека е исплашен, мислам дека е исплашен и загрижен и затоа се обидува сега, претпоставувам, да се наметне како претседателски кандидат, па сега и таму гледаме како со Пендаровски се натпреваруваат кој повеќе ќе му се додвори на Артан Груби, на Али Ахмети, и на овие криминални групи, но по изборите, овие што треба да бидат подземје, ќе треба да бидат сериозно гонети, но и овие што биле нивни коалициски партнери, а дел од врхушката на МВР ќе одговараат, има многу за истрага и многу за одговорност уште од првиот ден кога ќе биде формирана новата влада, имаме формирано и тим, да бидам попрецизен, неколку тимови, кои само со тоа ќе се занимаваат, со тоа што се случувало овие 6 години затоа што граѓаните мора да ја знаат вистината, како беа крадени, како беа опљачкани, како беа понижувани изминатите 6 години и без разлика што имаме каубојска измена со злоупотреба на европско знаме на Кривичниот законик, има многу начини како овие лица да одговараат“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Да го продолжиме патот на мирот, соработката, слободата и солидарноста

Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во честитката Филипче порача дека денешниот ден е потсетник колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа.
„9 Мај е ден кога се потсетуваме колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа. Денеска се навраќаме на еден од најважните денови во историјата, победата над фашизмот. На овој ден се стави крај на омразата, на убивањата, на уништувањето, на поделбите. Денеска оддаваме почит на борците од Народно ослободителната војна, кои ги дадоа своите животи за слободата која денес ја живееме.
Истовремено, денес е и Денот на Европа, ден кога ги славиме европските вредности од кои никогаш не смее да се откажеме. Мора цврсто да продолжиме по патот на мирот, соработката, слободата, солидарноста.
Ние сме дел од европската приказна и нераскинлив дел од борбата против фашизмот. Да не дозволиме никој никогаш да ги поткопа вредностите врз кои е градено ова општество. Македонија припаѓа таму каде што се почитуваат човековите права, каде што се гради заедништво и каде што никој не смее да биде исклучен затоа што е различен.
Денешната борба не е со пушка. Денес се бориме со збор, со став, со почит и одговорност.
Честит 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Да не заборавиме од каде доаѓаме и каде сакаме да одиме”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
„Максим Димитриевски е фатен во корупциски скандал, денес ќе го објавиме и договорот со кој ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от“, велат од СДСМ

„Максим Димитриевски е фатен „жив“ во јасен како солза корупциски скандал. Ниедно обвинување кон СДСМ не може да го побие фактот дека со овој скандал тој ги урна своите клучни изборни ветувања пред граѓаните – дека ќе се залага за правда и дека ќе се бори против ДУИ“, велат од СДСМ.
„Човекот кој не престана да зборува дека имало криминал во државата и дека за тоа, пред сè, е виновна ДУИ, сега самиот прави криминал – со ДУИ.
Не е чудно што луѓето, особено жителите на Куманово, се во шок од криминалот на Димитриевски. Но, СДСМ јасно предупредуваше за ова уште во изборната кампања.
ЗНАМ е во политиката поради две причини: прво, да биде продолжена рака на Мицкоски, и второ, Димитриевски да си ги спроведува криминалните проекти во општина Куманово.
Денес, СДСМ ќе го објави и договорот со кој Димитриевски ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от, и граѓаните ќе бидат дополнително шокирани кога ќе сфатат за каков опортунист станува збор“, соопшти СДСМ
Македонија
(Видео) Убиецот имал четворица помагачи, сите се oд Турција и се приведени

Четворица помагачи имал убиецот кој пукаше во кафуле во Штип.
МВР соопшти дека било пукано кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал.
По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото.
Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.
Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.