Македонија
Мицкоски им се извини на жителите на Арачиново и Липково: Има неодговорни градоначалници, ќе се стапи во контакт со општините за градинките
Постојат неодговорни градоначалници со неодговорни изјави, но тоа не треба да биде пречка, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со согласностите за вработувањата и пуштањето во употреба на градинките во Липково и Арачиново.
Мицкоски рече дека разговарал со министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, и во текот на денот членови на неговиот кабинет ќе стапат во контакт со администрацијата во Арачиново и Липково и состојбата ќе биде надмината и завршена.
„На жителите на двете општини им се извинувам за непријатностите. Децата се наш приоритет и политиката на оваа Влада е во таа насока. Постојат неодговорни градоначалници со неодговорни изјави, но тоа не треба да биде пречка“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Лимани вчера изјави дека очекува извинување од градоначалниците поради нивните изјави дека е нелигитимен министер.
„Во моментот кога ќе утврди дали сум легитимен или не, тогаш кога ќе се увери дека сум легитимен во исто време и мојот потпис ќе биде легитимен, и двете не одат заедно, мојата нелегитимност и мојот легитимитет како потпис“, рече Лимани.
Од друга страна, градоначалниците на двете општини изјавија дека се соочуваат со бирократски пречки за ставање во функција на објектите.
Градинките во Арачиново и Липково се очекува да сместат по 115 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата ги повика на консултаци невладините организации за Извештајот за состојбата
Владата денеска упати јавен повик до невладините организации да земаат активно учество во изготвување на Извештајот за условите во кои работеа невладините организации во 2024 година.
Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат на Владата од 2005 година, кое се грижи за унапредување на условите во кои работи невладиниот сектор, бара тие да помогнат во оценување на спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество.
Во повикот од невладините се бара да го пополнат прашалникот за мерење на вредностите на индикаторите од Акцискиот план на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2025 година, информираа од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење.
Целта на вклучување на невладините организации е Извештајот да биде реален и да даде објективен приказ на состојбите во граѓанското општество.
Прашалникот е јавно достапен на веб страната, кој можат да го пополнат сите регистрирани невладини организации во земјата најдоцна до 25 јануари годинава.
Македонија
Гаши за Даути: До денес не сум добил официјално известување за оставка од ниеден претседател на комисија
Како претседател на Собранието мојата главна одговорност е да ги почитувам и спроведувам Деловникот и неговите процедури, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши, за случајот со Илире Даути.
„Во овој контекст, интерпелацијата на претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и Уставот. Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци“, соопшти Гаши.
Според него, прашањата, како што се разрешувања или оставки, се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците.
„До денес не сум добил официјално известување за оставка од ниеден претседател на комисија.
Од процедурална гледна точка ова прашање е решено. Секое друго толкување, освен ова, е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа, во која јас како претседател на Собранието нема да учествувам“, прецизира Гаши.
Македонија
Гаши – Филипиду: Не можеме да го промениме минатото, но можеме заеднички да работиме на иднината
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.
На средбата беа разменети мислења за можностите на унапредување на билатералната парламентарна соработка на сите нивоа, но и за евентуалните потреби од преземање чекори за збогатување на соработката на други полиња од заемен интерес меѓу двете држави.
Амбасадорката Филипиду информираше за актуелните случувања во Република Грција и постапката за избор на претседател на државата, кој, согласно Уставот, се врши со избор во Грчкиот парламент. Изрази очекување дека по заокружувањето на овој процес, ќе може да се посвети повеќе внимание на отпочнување подинамична соработка со грчките колеги.
Претседателот Гаши, поздравувајќи го одржувањето на оваа средба, ја искажа својата целосна отвореност за заемни посети со хомолозите од Грчкиот парламент, но и на ниво на комисии и групи за соработка кои во текот на сите изминати мандати, изразуваат интерес за конкретна соработка, особено на поле на европските интеграции.
Не можеме да го промениме минатото, но можеме заеднички да работиме на иднината, заклучи претседателот Гаши.