Македонија
Мицкоски: Марија Габриел им ја плесна вистината, власта лаже дека уставните измени се последна пречка
Марија Габриел им ја плесна вистината во очи, тоа е вистината што јас и ВМРО-ДПМНЕ ја зборуваме една и пол година. На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи и Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка, не е последната, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на Свети Николе одговарајќи на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, дека уставните измени не се единствен услов.
Мицкоски посочи дека ова е само почеток на проблемите што следуваат затоа што без општествена поддршка и без консултации со опозицијата потпишаа договор со цел да го завршат својот проект две години власт.
„Едниот да биде премиер, другиот генерален секретар, а другите да станат милионери на грбот на македонските граѓани, тоа беше проектот. Сега сите ние имаме проблем, кој, за жал, повторно ќе треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава, но и граѓаните во Македонија во периодот што следува. За ова зборувавме повеќе од една и пол година, за ова предупредувавме и, за жал, со ова што го направија, направија огромен проблем за сите нас“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е спремна откога ќе ја формира новата влада, да разговара за нешто што претставува достоинствено решение и достоинствено сценарио.
„Од друга страна, видовме дека правилото на едногласие во рамките на ЕУ се замени со правило на празен стол или правило на недостаток на еден член. Очекувам дека и ЕУ, но лидерите, доколку навистина сакаат Македонија да ја видат во ЕУ и да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении, каде што Македонија, македонскиот идентитет и народ се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики, ќе ве потсетам – сѐ тоа почна со ветото што го добивме поради спорот за името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед, видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека набргу ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија ќе ги почне преговорите, она што ѝ припаѓа многу одамна“, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека имаме многу внатрешни проблеми, но што се однесува до оние отстапки што се направија, сите заедно членки на ЕУ ги немаат направено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска демантираше дека Договорот за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Велика Британија предвидува изградба на бегалски кампови во земјава.
Според него, договорот е еден од најзначајните документи што Македонија ги има постигнато со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија.
„Со овој договор за стратешко партнерство предвидени се одредени средства со коишто ќе се гради инфраструктура во Македонија. Ќе се градат железници, автопати, здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но за жал на опозицијата, која се обидува да спинува, нема да се градат било какви бегалски кампови. Британија, откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западниот Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс таму каде што Македонија и земјите членки на ЕУ и земјите кандидати имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите. Тоа го прави Британија со овој дополнителен механзам, којшто е комплементарен со Фронтекс. Нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партии од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија. И тоа сакаме јасно да го демантираме. Сите оние кои се обидуваат оваа тема и понатаму да ја спинуваат, очигледно имаат недостаток или на визија или на проекти кои би ги понудиле како Македонија да има постабилни партнери и постабилни држави-пријатели како што е Велика Британија“, истакна Милошоски.
Претходно, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие би имале можност да заминат кога ќе посакаат.
Македонија
(Видео) Милошоски: „Стратегијата Македонија 2030“ на ВМРО-ДПМНЕ како ново поглавје за стабилност и развој на државата
Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ што ВМРО-ДПМНЕ ја усвои на вчерашниот Конгрес во Кавадарци значи визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефиниран политички и развоен правец за следната деценија, кажа денеска на прес-конференција, Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Стратегијата, како што рече Милошоски, се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на краткорочни одлуки и да воведе долгорочен план и систем за управување, а тоа се создава преку институции со силен интегритет, конкурентна економија и општество засновано на вредности и национална самодоверба.
„Документот ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе одговорноста и улогата за ова државничко лидерство. И ова се разбира не е список на политички кампањски предизборни желби, туку е документ со јасни цели коишто би биле национална траекторија во следните 10-15 години“, истакна тој.
Според него, клучната амбиција е оваа Стратегија Македонија до 2030 година да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички.
„Стратешката рамка за 2025–2030 ги содржи шесте клучни стожери што ќе водат развој на државата.
Прво, државната безбедност. Тоа значи модерна армија, современа полиција, национална сајбер-заштита и систем за справување со хибридни закани. Безбедноста е нашата основа и АРМ и МВР мора да бидат максимално подготвени за овој предизвик.
Второ е економската конкурентност. Тоа значи напуштање на моделот на евтина работна сила и создавање на конкурентна економија заснована на знаење, на додадена вредност и технолошки иновации. Се разбира мораме да имаме поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем, зелена енергетска транзиција и повторно создавање на услови за странски инвестиции.
Трето, правна држава. Целта е да имаме независно судство, департизирано обвинителство, професионална администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализирана контрола на движењето на парите и на имотните прашања.
Четврто, демографските политики. Потребна е вистинска поддршка за младите, станбени програми, политики за поврат на дијаспората, достоинствена грижа за постарите лица. За да можеме преку една стабилна популациона политика, во Македонија да имаме секогаш доволен ресурс во луѓе за да можеме да ја развиваме и економијата и државата.
Петто, европска интеграција и надворешната политика. Партнерства со јасни црвени линии ни се најбитен дел, затоа што ние како политичка партија сме определени за Европската Унија како еднаков партнер, без дополнителни билатерални условувања кои што би го допирале идентитетот или националната самобитност на македонскиот народ и да државата.
И шесто, образованието, културата и идентитетот. Мора да вложуваме во модерни програми, дигитален дел, да речам, на културата, исто така, и на образованието, поддршка за науката, заштита на македонскиот јазик и неговата промоција. Бидејќи без силна култура и образование не би имале толку силно општество, и промоција на нашите одлики во европско ниво“, рече Милошоски.
Дополнително, нагласи пратеникот, стратегијата носи нови теми што ја подготвуваат Македонија за иднината и оваа национална стратегија обрнува внимание и вештачка интелигенција како еден нов дел од технолошкиот натпревар, не само во Европа, туку и на глобално ниво.
„Имаме стратегија за сајбер-безбедност, стратегија за една геоекономска дипломатија, што ќе ја поврзе и дипломатијата со геополитичките поместувања во последниве неколку години. Исто така и основање на Фонд за иднината, односно државен инвестициски инструмент којшто ќе поддржува технологии, иновации, истражување и вештачка интелигенција, за да може Македонија да биде поконкурентна со партнерите во регионот, но исто така и на европско ниво“, вели Милошоски.
Македонија
(Фото+видео) Ивановски: Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје
„Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје“ – објави на ФБ, директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
„Во насока на ослободување на просторот и оригиналниот изглед на железничката станица, започнавме со отстранување на сите билборди, светлосни реклами и останати информативни реклами кои години и декади наназад го нарушуваат автентичниот изглед на станицата. Ова ќе биде фазен процес кој ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата како и соодветна илуминација“, напиша Ивановски.
„Ќе има промени на инсталациите, електроинсталациите, ќе се решат греењето, ладењето, водоводот. Она што Станицата изгледа како пит-стоп на Формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање и какви било билборди и сè што во моментот го гледате. И за тоа нема да го чекаме проектот. Ќе почнеме веднаш. Договорите што ги имаме за закуп на рекламни паноа веќе нема да ги продолжуваме. Оние што се актуелни ќе ги замолиме компаниите за малку совесно, одговорно општествено однесување, да ги раскинеме спогодбено. Потоа ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбофолк-хаб во државата“, рече тогаш директорот Ивановски.

