Македонија
Мицкоски на средбата со Вархељи: Корупцијата е распространета, се делат тендери на лица блиски до власта

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархељи, на која разговараа за актуелната политичка, економска и здравствена состојба во Македонија.
Мицкоски на средбата се осврна и на извештајот и на документот што вчера Европската комисија го објави за Република Македонија изразувајќи загриженост за слабостите и злоупотребите на механизмите и институциите од страна на власта. Мицкоски укажа на слабостите и недоволното справување со корупцијата, која, како што рече, е распространета во сите области.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата говореше и за злоупотребата од носењето закони по скартена постапка со европско знаменце, како и слабиот напредок во подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загаденоста.
„Опозицијата и во минатото укажуваше дека европското знаменце и брзите постапки беа злоупотребувани од мнозинството на власт во десетици наврати како за носење закони за фабрики за марихуана така и за закони за правосудството“, рече Мицкоски.
Во текот на средбата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта не знае да се справи со Ковид-19 и поради нивната неспособност, бројoт на заразени и починати е на многу високо ниво. Имено, тој посочи дека во врска со пандемијата не се презема ништо како на здравствен така и на економски план.
Мицкоски потенцира дека криминалот и корупцијата се многу застапени и дека има селективно владеење на правото. Исто така, тој рече дека власта дели тендери на лица блиски до власта и за тоа никој не одговара.
На средбата беа разменети и мислења за актуелните случувања и состојби во регионот.
На средбата беше изразено задоволството да се изнајде најдобар начин за да се остварат приоритетите, кои ќе придонесат кон менување на пејзажот на регионот на полето на економијата и Македонија да стане ефективно подрачје во кое ќе се инвестира и ќе се подобрат условите за живеење на луѓето во поглед на јавното здравје, поврзаноста, достапноста на дигиталните алатки за кои и ЕУ е подготвена за нивно заедничко спроведување.
При средбата претседателот Мицоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија има јасни и конкретни политики, кои ќе ја изнесат Република Македонија на прав пат, како и ќе имаат влијание на членството во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.
Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.