Македонија
Мицкоски: Никој на домаќинствата не им понудил алтернатива, затоа не треба да ги обвинуваме за аерозагадувањето

Не треба да ги обвинуваме домаќинствата затоа што тие немаат алтернатива, за жал, никој до сега не им обезбедил алтернатива, а кога би имале, тогаш третирањето на темата би било поинакво и работиме на тоа да обезбедиме алтернатива за домаќинствата, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска на надзорната расправа во Собранието за аерозагадувањето.
Мицкоски додаде дека најчесто таа алтернатива е централното греење, а во моментот само дел од Скопје има таков начин на затоплување преку централното греење и има индивидуални обиди во општини во кои се инсталираат гасни котли за затоплување на јавни објекти.
„Но нема далечинско централно затоплување на домаќинствата и можеби тоа е причината зошто луѓето користат најчесто фосилни горива, но не ретко и користат практично сè. Од прегорено масло, преку отпадни гуми, стар мебел и покуќнина за да може да си ги затоплат своите домови. Тоа може да се надмине само на еден начин – ако се реализираат овие проекти и ако се работи на свесноста на сите фактори во општеството. Во годините што следуваат некои од овие проекти за дел од општините ќе се реализираат и ќе обезбедат почиста и поздрава животна средина“, потенцира премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека исто така во таа насока се субвенциите за инсталирање ефикасни котли на гас во јавни објекти – топлинските и геотермалните пумпи.
„Како Влада се заложивме и сме во напредна фаза на деблокирање заем од Светската банка да бидеме пријателска Влада кон околината преку реконструкција на јавните објекти. Многу работи се случуваат и ќе продолжат да се случуваат“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Трајко Славески избран за нов гувернер на Народна банка

Трајко Славески е избран за нов гувернер на Народна банка.
Собранието доцна синоќа гласаше за неговиот избор. Тој доби поддршка од 68 пратеници, додека 16 беа против.
Славески е универзитетски професор по економија и поранешен министер за финансии во владата на пребеганиот Никола Груевски. Во последниот состав на Советот на Град Скопје ја извршуваше функцијата претседател.
Македонија
(Видео) Данела Арсовска: Висар Ганиу истурал ѓубре пред Град Скопје, кога му реков дека доаѓам „џом“ да го нема

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, доцна синоќа пред Град Скопје, се вклучи во живо на социјалните мрежи и објави дека градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, истурил отпад пред бараките.
„Господинот Висар Ганиу си собираше ѓубрето од дивоградбите и некои фотељи, па кога му кажав на Фејсбук дека не му е добар планот, се исплашил и дошол пред Град Скопје да го истури ѓубрето и се задржал три минути, а бе кога му реков доаѓам, џом да го нема. Висар Ганиу, а бе Вики кај си бе дечко ти кај избега? Ја ти ги собирам документиве на тебе да ти ги презентирам за твоите фалсификати ти бегаш. На нога избегал низ парк кога слушнал дека доаѓам“, рече Арсовска.
„Да беше маж ќе причекаше да дојдам и да ти ги презентирам документите. Седум милиони и должиш на Комунална хигиена. Многу јак фраер си, кај беше кога те чекав пред општина пет саати, а тука само три минути и си избегал“, додава Арсовска.
Таа вели дека ќе ги открие сите криминали на Ганиу.
„Сите криминали ќе ти ги фатиме, знаеш дека си фатен, затоа денеска си бришел документи во катастар ама ние ти ги имаме во оригинал документите пред да успееш да ги уништиш“, вели Арсовска.
Претходно, Арсовска му се обрати на Ганиу преку Фејсбук:
„Висар Ганиу! Ти се обраќам тука, за пред целата јавност да ти стане јасно што се случува. Таму каде што си измеќар, една работа не ти кажале за мене. Кога се закануваш, само ме мотивираш да работам повеќе и една по една сите криминални зделки со дивоградбите ќе ти ги објавам, не се повлекувам и не постои притисок што ќе ме натера да се откажам!!!
150 дивоградби ти имам фатено и институционално се писмено докажани и нотирани, службено ти се вратени со сите забелешки на твојата документација, во кои забелешки најнепобитната е дека ЛАЖЕШ ДЕКА СЕ ГРАДЕНИ ПРЕД 2011 година односно ГРАДЕНИ СЕ СЕГА!!!
Ти место да им вратиш на луѓето парите за тоа што си ветувал и не можеш да им испорачаш, се одлучи да се пресметуваш со жена ама оваа жена не ти се плаши ни на тебе ни на тој Изет.
Ти фативме низ општина Чаир со камиони како градежниот и кабаст отпад ги фрлаш во и околу наши контејнери, за да не напаѓаш, за што МВР и инспекциските служби ти го конфискуваа камионот. 7 милиони му должиш на Комунална хигиена!
Вечерва си ковал план лопову криминален да собираш пак ѓубре и да правиш герила да го истураш пред град Скопје. Јас пак ќе ги упатам да се соберат сите илјадници луѓе што сте им зимале пари за небезбедни станови во дивоградби кои никогаш нема да можат да ги легализираат и да ти дојдат пред општина Чаир да си ги бараат парите да им ги вратиш.
Само да те потсетам, те чекав во Чаир ако си маж да дојдеш, не собра храброст. Ќе те чекам и во град Скопје со сите докази за дивоградбите. Никој не ти се плаши, заедно со ѓубрето што планираш да го носиш ќе те исчистиме и тебе!!“, напиша Арсовска.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температура до 25 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (10 до 15 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец., информира УХРМ.
Дневната температура ќе биде во интервал од 16 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Попладне ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Дневната температура ќе достигне до 20 степени.
Во петок и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има изолирана појава на пороен дожд. Од недела следува период на претежно стабилно и топло време со значителен пораст на дневната температура.