Македонија
Мицкоски од Инфективна испратил писмо до амбасадорите за да предложи одложување на пописот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски напиша писмо до амбасадорите кои го преставуваат меѓународниот фактор во земјава осврнувајќи се на пописот, локалните избори и ковид-пандемијата.
Тој напоменува дека низ лично искуство најдобро знае низ што поминуваат заразените од Ковид, како и информациите за личните трагедии на илјадници семејства што треба да биде аларм за државата суштински да делува.
„Ви пишувам од Клиниката за инфективни болести, каде што се наоѓам како резултат на тешките симптоми и високата температура која ја имам. Во вакви моменти човек ја гледа драгоценоста на сопственото здравје, кое поради брзиот живот го запоставуваме“, стои во писмото.
Мицкоски нагласува дека Македонија, како и остатокот од светот се соочува со нов бран на Ковид-19, но во исто време државава се наоѓа на дното во Европа по бројот на вакцинирани.
„Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостиг на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред сè на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот“, стои во писмото.
Тој подвлекува дека проблемот во немањето консензус во врска со прашањето околу пописот е само во владата на Заев.
„Прашања како пописот, во поларизирано општество како нашето, мора да се решаваат со целосен политички консензус. Немањето на ваков консензус нè донесе до слепа улица, при што единствена солуција која останува е одлагање на пописот. Во оваа динамична ситуација, каде што ситуацијата на терен се менува на дневно ниво, се плашам дека одиме кон уште еден голем предизвик за јавното здравје. Во оваа насока пописот би можел да создаде ковид-кластери. Како лидер на опозицијата смета дека има обврска кон граѓаните и дека треба да се најде решение за ситуацијата“, вели Мицкоски во писмото.
Како дел од решението тој предлага:
„Пописот да биде одложен за септември, тоа ќе остави време за набавка на вакцини и вакцинација на сите попишувачи, со што ќе се минимизира штетата по јавното здравје. Во насока за институциите да можат да се посветат целосно на пописот, предлагам локалните избори да се одржат од 1 до 15 ноември“, стои во писмото на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија издвојува најмногу средства за правосудството, а добива најмалку резултати
Македонија е меѓу државите што издвојуваат значителни средства за правосудниот систем, но граѓаните добиваат најмалку резултати, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, секоја година за судството се одвојуваат 0,39% од БДП, што е повеќе од Франција (0,20%), Германија (0,30%), Грција (0,26%), Албанија (0,29%), Молдавија (0,35%) и Грузија (0,23%).
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека, иако државата обезбедува високи примања за судиите и обвинителите, правосудниот систем не испорачува ефикасност и независност. Во соопштението се наведува дека постапките се бавни, предметите нерешени, а одложувањата чести, што, според партијата, создава недоверба кај граѓаните.
Партјата нагласува дека, и покрај тоа што судиите земаат и до три просечни плати, резултатите се минимални, а системот нема ниту квалитет, ниту реформи. ВМРО-ДПМНЕ смета дека наместо да бараат повисоки плати, судиите треба да покажат резултати што ќе ги оправдаат веќе обезбедените средства.
Во соопштението се додава дека правосудството е зрело за реформи и дека тие мора да се случат.
Македонија
Регионалниот пат Охрид – Св. Наум пуштен по двете коловозни ленти
Утрово во 07:05 чaсот сообраќајот на регионалниот пат Охрид – Св. Наум е пуштен по двете коловозни ленти, извести АМСМ.
Ноќеска од 03.30 часот на овој патен правец, дел од стовариште „Митко“, на десната коловозна лента во правец на Охрид околу 100 метри, имаше вода од околу 30см, информираше претходно АМСМ. Сообраќајот беше пренасочен по левата коловозна лента.
Македонија
„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер“, велат од „Влен“
„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер. Она за што ВЛЕН предупредуваше долго време, денес стана реалност. Селотејп коалицијата наречена НАИ е најголемата политичка измама во последните години. Последователните заминувања и внатрешниот хаос јасно покажуваат дека овој проект не е изграден за Албанците, туку за лични амбиции спакувани со ПР трикот на „референдумот“ за фрлање пепел во очите на Албанците“, велат од „Влен“.
„НАИ не функционираше ниту еден ден како сериозна опозиција. Денес се распаѓа во очите на јавноста, камен по камен, бројка по бројка. Заминувањето на Мендух Тачи, заминувањето на Арјанит Хоџа, Кренар Љога и напуштањето на Зијадин Села се само симптоми на структура изградена врз интересите на поединците, а не врз интересите на граѓаните.
ВЛЕН не се радува кога другите се уништуваат, но е јасно дека опозицијата што се распаѓа на парчиња му штети на политичкиот систем и ги остава граѓаните без алтернатива. Албанците заслужуваат сериозност, а не неуспешни експерименти со селотејп“, соопштуваат од „Влен“.

