Македонија
Мицкоски: Очекувам државниот јавен обвинител да се занимава со кривичните пријави во фиоките на обвинителите
На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговараше на прашање посветено на изборот на в.д. државен јавен обвинител и очекувањата од сферата на обвинителството во идниот период. Мицкоски посочи дека од информациите кои ги има, процедурата за избор на државниот обвинител во Собранието треба да заврши за 2 месеци. Критериумите за избор, според Мицкоски, се донесени согласно Законот за јавно обвинителство усвоен од страна на претходната власт на СДСМ и ДУИ и со нив се забрани можноста професори, адвокати и истакнати правници да бидат бирани за државен јавен обвинител.
„Очекувам во рамките на овој период да се избере јавен обвинител и тој јавен обвинител да се зафати со темелна и напорна работа. Многу го чека. Во неформален разговор со колегите во Владата и институциите во овие година и половина, повеќе или помалку обесхрабрувачки за сите нас, имаше една појава во која институциите поднесуваат кривични пријави, а обвинителството молчи. И ако направите еден разговор со членовите на Владата и институциите, ќе видите дека станува збор за неколку стотици такви случаи. Ние што сме добро воспитани и не правиме естрада или не се обидуваме да правиме упад во домови наутро, пред децата на осомничените, па под превезот на истрага да снимаме со камери, како што беше некогаш, тоа не значи дека не се поднесени тие поднесоци. Логично е што граѓаните често пати и негодуваат“, посочи Мицкоски.
Мицкоски рече дека ги разбира граѓаните, но мора да се знае дека повеќе стотици такви предмети стојат во фиоки во обвинителството. Обвинителот треба да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, а потоа преку процесите и довербата во судовите.
„Се надевам дека кој и да биде јавен обвинител во иднина ќе се позанимава многу повеќе и подетално со ова. Ова е суштинската реформа. Не е суштинска реформа повисока плата, повисок буџет. Суштинска реформа е борбата за правда. Народот е жеден и гладен за правда и сака да види вистинска борба. Ние како влада не сме судска власт, не сме обвинители. Ние можеме да доставиме пријава. Од тој момент па натаму обвинителите и судиите се тие коишто обвинуваат и тие што судат“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека не може да се очекува успех во кое било поле без силна правна држава.
„Ова е многу важно за периодот којшто следи, бидејќи голем дел од законите коишто се дел од реформската агенда, поврзани со интегрирањето во Европската Унија, ќе бидат пред вас. Дел од нив го поминале оној филтер на Венецијанската комисија. Еден таков е Законот за судски совет, којшто е веќе влезен во собраниска процедура и очекувам во една плодна дебата да се донесе. Потоа ќе се најде Законот за Совет на јавни обвинители, па Законот јавнообвинителска служба, за судска служба, отприлика еден сет од закони кои очекувам во јануари месец да се најдат овде во Собранието“, истакна Мицкоски и дополни дека како Влада се сложува со барањето на јавните обвинители и судиите за плановите на вработувања и унапредување да ги одобрува Советот на обвинители и Судскиот совет, а Владата да биде само информирана.
„Дадовме насока да се направи мапирање на потребите на судовите и јавните обвинителства за вработени кои се дел од службата, ИТ експерти, сметководители, технички асистенти итн. и врз основа на тоа мапирање ние како Влада да обезбедиме средства со буџет, да дополниме со ребалансот и тие да бидат пополнети. Сето она кое тие го бараат од нас ние го исполнивме“, кажа премиерот.
Претседателот Мицкоски, потсети на измените на Кривичниот законик кои се направија од страна на минатата влада, за да се обезбеди политичка амнестија за голем дел од поранешните функционери.
„Сега гледаме излегуваат и критикуваат ќе има можности за условни казни, па мали биле казните. Не. Направете компаративна анализа и ќе видите дека сме повторно поригорозни од сите земји од регионот. Не газиме на трула штица“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНМ: Партиите да не се препукуваат преку грбот на новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати допис до политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) по повод нивната јавна објава на социјалните мрежи со наслов „Фрљо – последната линија на одбрана на ВМРО!“, во која на навредлив, омаловажувачки и деградирачки начин се таргетира новинар.
ЗНМ изрази сериозна загриженост дека ваквиот тип на комуникација од страна на политички партии е неприфатлив во демократско општество, ја поткопува довербата во медиумите и создава атмосфера на стигматизација и притисок врз новинарската професија.
Македонија
Владата до јануари ќе испорача 8 од 12 клучни чекори, вели Мицкоски за реформската агенда
На денешната пленарна седница во Собранието на Република Северна Македонија, на која на дневен ред беа пратеничките прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговори на прашање поставено од пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кое се однесуваше на реформската агенда на Владата.
Премиерот Мицкоски истакна дека поради законските ограничувања, изборната кампања и спроведувањето на изборите, дел од реформските чекори бележат доцнење во реализацијата, при што околу 12 чекори требало да бидат завршени до овој момент. Тој нагласи дека по завршувањето на локалните избори следи целосна мобилизација на Владата и институциите, со динамично следење на сите чекори на интервал од 7 до 10 дена, како на оние што треба да се испорачаат до 31 декември, така и на чекорите кои започнуваат од 1 јануари. Овие чекори, како што појасни премиерот, се влезени во грејс-период и треба да бидат целосно завршени до јуни 2026 година.
Премиерот Мицкоски информираше дека на последната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, биле анализирани реформските чекори, при што тој изразил уверување дека најмалку осум од дванаесетте чекори ќе бидат испорачани до средината на јануари. По интензивната работа, како што рече, Владата очекува да испорача 10 од 12 чекори, додека за двата кои нема да бидат реализирани ќе биде дадено јасно и транспарентно објаснување пред македонската јавност.
„Во однос на енергетиката, Законот за енергетика е донесен и усогласен со Канцеларијата на Европската комисија, но според оценката на Комисијата, истиот не се смета за целосно завршен поради неизработени подзаконски акти и незавршен маркет-каплинг, кои зависат од процеси на ниво на Европската Унија. Ставот на Владата е дека законот е испорачан и дека за овие обврски треба да се утврди нов рок до декември 2026 година“, додаде Мицкоски.
„Како втор чекор беше посочена реконструкцијата на објекти во државна сопственост со примена на мерки за енергетска ефикасност, со јасен план за опфат од 3% на годишно ниво во следните три години. Приоритетите се веќе утврдени, формиран е надзорен комитет, а на следната владина седница Министерството за енергетика и Министерството за финансии ќе бидат задолжени да обезбедат финансиски средства, по што овој чекор ќе се смета за завршен пред Нова година.
Третиот чекор коишто е во делот на енергетиката е во однос на либерализација на пазарот на електрична енергија за граѓаните коишто свесно рековме дека нема да го исполниме. Ако ова се случи и не продолжиме да ја субвенционираме електричната енергија, граѓаните ќе добијат сметки за електрична енергија од 50-70% поскапа сметка од сегашната. И рековме дека свесно нема да го испорачаме“, истакна премиерот Мицкоски.
Во однос на усогласувањето на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР од изборите во 2024 година, беше најавено дека Министерството за правда, заедно со пратеничките групи, ќе подготви соодветен документ, по што ќе следи политички дијалог. Донесувањето на измените се очекува по завршувањето на дополнителните избори, по средината на јануари.
Околу чекорите за правосудството и измените на законите, премиерот Мицкоски истакна:
„За чекорите кои се однесуваат за правда, за законот за судски совет, законот е изготвен, одобрен од Венецијанската комисија во рамките на собраниска процедура е и очекувам почетокот на следната година да биде изгласан“.
Во секторот транспорт, посочи дека е изработен план за реструктуирање на двете државни железнички компании – МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт, во соработка со експерт од Европската Унија. Планот е доставен до Европската комисија и по добивањето на одговорот ќе биде ставен на разгледување и усвојување на владина седница, со што овој чекор ќе се смета за завршен.
Во делот на оптимизацијата и дигитализацијата на јавните услуги, премиерот истакна дека Катастарот ги завршил сите предвидени чекори, МАЛМЕД реализирал 9 од 19, додека останатите институции, вклучително и Министерството за економија и труд, интензивно работат на исполнување на обврските.
Премиерот Мицкоски нагласи дека Владата и институциите продолжуваат со засилено темпо на работа, при што голем дел од чекорите се веќе реализирани или се во завршна фаза, а средствата постепено се ослободуваат. Од април, како што истакна, државата ќе влезе во целосен реформски колосек како ни една друга земја од Западен Балкан, со навремено и доследно исполнување на обврските.
Воедно, беше најавена и интензивна работа на планот „роаминг како дома“, со цел македонските граѓани да користат мобилни услуги без дополнителни роаминг трошоци.
Македонија
Битолската „Естреја Овадија Мара“ прослави 65-годишен јубилеј
Јавната установа детски градинки „Естреја Овадија Мара“ денеска го прославува патрониоит празник и одбележа јубилејни 65 години постоење.
Прославата беше со мотото „Твојата храброст – наш патоказ“, а меѓу гостите беше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Децата од градинката заедно со вработените подготвија пригодна програма за обележувањето на двата значајни настана.
Прославата се одржа во детската градинка „Пролет“.

