Македонија
Мицкоски: Почната е постапка за набавка на 120 електрични автобуси

Во рамките на надзорната расправа во Собранието посветена на аерозагадувањето, премиерот Христијан Мицкоски одговараше на прашање на пратеничката Олга Лозановска за влијанието на транспортот врз загадувањето на воздухот, кој, според анализите, е втор загадувач.
На надзорната расправа се истакна дека железничкиот транспорт не само што е економски најефикасен туку има и најмали импликации врз загадувањето на воздухот и Владата презема сет мерки во таа насока со цел да се набават еколошки модерни средства за јавен превоз и модернизација на железничкиот систем во државата.
„Како Влада почнавме и веќе е во завршна фаза, преку Министерството за транспорт, објавувањето јавна набавка, преку која ќе бидат купени 120 електрични автобуси. Ценам дека тоа е многу важно не само за главниот град туку и за другите општини, кои имаат организиран јавен градски превоз и тие пропорционално ќе бидат донирани од Владата, се разбира со целосна инфраструктура за полнење на тие автобуси“, рече премиерот.
Тој дополни дека во владина процедура е усогласување на царинските тарифи со ЕУ во делот на увоз на автомобили и автобуси.
„За оние батериски системи, во струката познати како резервоари за полнење електрична енергија, досега имаме царинска стапка од 15 %, а ЕУ има 2,7 %. Со тоа автоматски секој оној што сака да инвестира и да придонесе да имаме поздрава животна средина плаќа многу повеќе од своите колеги во ЕУ. Има низа сетови на мерки во таа насока. Исто така, тука се и изградбата на железничките коридори 10 и 8, каде што, за жал, од страна на нашите соседи има многу малку посветено внимание на Коридорот 8, но се надевам дека и тие набргу ќе бидат свесни дека треба да го задвижат во делот на железничката инфраструктура. Ние планираме модернизација и електрификација на железничката линија од Скопје до Гостивар, модернизација и реконструкција на пругата од Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, со изградба на нов колосек, што значи ќе имаме два колосека. Работите се движат. Не може преку ноќ да ги завршиме сите работи кои со децении стоеле, но ценам дека во овие 11 месеци доста од работите се придвижија“, заклучи премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температура до 24 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (од 10 до 15 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен праве, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 14, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во петок и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има изолирана појава на пороен дожд. Од недела следува период на претежно стабилно и топло време со значителен пораст на дневната температура.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти имињата на 25 кандидати за градоначалници, повеќето ќе се борат за нов мандат

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утврди 25 кандидати за градоначалници. За Град Скопје се’ уште не е донесена одлуката.
Се работи за веќе познати имиња, од кои повеќето го моментов ја извршуваат градоначалничката функција. Ѓорѓија Сајкоски по состанокот рече тие кандидати убедливо водат на сите анкети во општините за кои се предлагаат.
„Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните, во изминатите 4 години, а тоа го потврдуваат и анкетите“, вели тој.
ИК утврди и ги предложи следните кандидати:
1. Аеродром – Дејан Митески
2. Бутел – Дарко Костовски
3. Ѓорче Петров – Александар Стојкоски
4. Чучер Сандево – Зоран Бајовски
5. Штип – Иван Јорданов
6. Велес – Марко Колев
7. Свети Николе – Дејан Владев
8. Карбинци – Виктор Паунов
9. Градско – Киро Нацков
10. Кавадарци – Митко Јанчев
11. Гевгелија – Андон Сарамандов
12. Зелениково – Коста Маневски
13. Илинден – Александар Георгиевски
14. Конче – Златко Ристов
15. Делчево – Иван Гоцевски
16. Ново Село – Ѓорге Божинов
17. Василево – Славе Андонов
18. Босилово – Ристо Манчев
19. Берово – Петар Ружински
20. Петровец – Борче Митевски
21. Битола – Тони Коњановски
22. Охрид – Кирил Пецаков
23. Вевчани – Спасе Кочовски
24. Брвеница – Јовица Илиевски
25. Јегуновце – Димитар Костадиновски
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе.
„Најголемиот дел од нив се веќе постоечки градоначалници, кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаат сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои до сега се водени од кадри на СДСМ“, велат од партијата.
Се додава во тек се и внатрепартиските избори за советници, преку месните и општинските комитети, а истовремено и граѓаните кои не се партиски определени слободно можат да се вклучат да даваат свои предлози за советници.
Македонија
(Видео) Се бара донација од пченка и јаболка оти мечки се доближуваат до селата околу Шар Планина

Националниот парк „Шар Планина“ повика на донации во форма на домашна пченка и јаболка, бидејќи се забележани повеќе случаи во кои мечки се доближуваат до планинските села во потрага по храна.
Од тука велат дека во последните две недели, сè почесто се забележуваат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк. Овој феномен, како што се додава, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
„За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки. Бараме доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана“, велат од Националниот парк.
Се додава дека дистрибуцијата на храната ќе ја извршува нивната управа во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.