Македонија
Мицкоски по критиките од Вархељ: Единствената црвена линија што се помина е таа на здравиот разум
Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на одделни држави, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Дојче веле“ (ДВ).
Токму за време на посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потпретседателот на партијата, Александар Николоски, на Будимпешта, еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархељ, во интервју за „Еуроактив“ упати критики до македонската опозиција – дека таа ги поминала основните демократски црвени линии во дејствувањето против францускиот предлог.
„За Северна Македонија, ова треба да биде момент за отрезнување и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата“, изјави, меѓу другото, Вархељ.
За оваа критика и за тековните активности на ВМРО-ДПМНЕ, „Дојче веле“ побара одговор од нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
ДВ: Ги поминавте ли црвените линии?
„Сметам дека единствените црвени линии што беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, грубата трговија со нашите историски наследства и културни обележја врз кои како народ ја градиме нашата држава и го негуваме нашиот идентитет. Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархељ, кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање. И, воедно, јасно ми е дека од негова гледна точка тешко е да се разбере она што за нас е исклучително важно, а тоа се нашиот идентитет и правото како немногуброен народ да опстоиме и тоа во состојба кога нашиот сосед има аспирации и неоправдано нѐ блокира искористувајќи ја слабата и корумпирана влада, која не можејќи да испорача резултати – тргува со идентитетските обележја. Но, исто така и комесарот треба да сфати дека во ситуација кога никој од Владата не ја консултира опозицијата при изработка на документот, кој беше усвоен како преговарачка рамка, кога целосно беше игнорирана опозицијата, како и нашите барања јавно да се објави текстот од протоколот, каде што седат бугарските мегаломански барања, кога се прифати преговарачка рамка по која немаме вистински почеток на преговорите, туку обична фотосесија и тие проблеми што останаа, единствената црвена линија што се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот, како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Воедно, и Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на одделни држави. Единствено што сакам и на што опстојувам е доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите, на силно вреднување на солидарноста, затоа што ниту Европа ниту Бугарија ќе има поголема корист од тоа што криминална Влада и условени политичари исполниле мегаломански барања преку кои довеле една земја и народ во потчинета состојба“.
ДВ: Дали на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан Ви беше пренесена слична порака, со оглед дека Вархељ потекнува од истата политичка опција?
„Не, разговорите со премиерот на Унгарија, Орбан, воопшто не беа во тој дух. Напротив. Тој е пријател на Македонија и голем поддржувач на стратешките интереси. Одблиску го запознав со деталите за преговарачката рамка и тоа што нам ни пречи, а тоа е правото што се дозволува на земја членка на Унијата да ги менува нашите учебници, нашиот Устав, да го негира нашиот јазик и за возврат ние сѐ уште да сме пред портите на ЕУ сѐ додека некој од Бугарија не рече – доволно е обезличување, сега можете да влезете. Разговаравме и за состојбите во регионот, енергетската криза и ред други теми и прашања. Пријателска и средечна средба“.
ДВ: Вашите опоненти велат дека со ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште раководи Никола Груевски, дека од таму добивате инструкции, а има и јавно искажани сомневања дека заедно со Груевски сте биле на средба кај Орбан…?
„Смешни се тие обвинувања и само ја покажуваат немоќта на СДСМ и нивните инсталации наменети да ја шират нивната невистинита пропаганда. Таквите дезинформации се и дефокус од реалните теми што ги интересираат граѓаните, како што се инфлацијата, енергетската криза и асимилацијата преку прифаќање протокол, кој јавноста го виде откако се потпиша. Можеше да се претпостават реакциите на СДСМ, тие се истите копи-пејст од минатиот пат кога се видов со Орбан. Јасно им е и на тие инсталации зад кои седи интересот на СДСМ, дека доаѓа ВМРО-ДПМНЕ и сега преку ваков или сличен притисок тие инсталации сакаат да фатат приклучок. Тоа е јасен показател дека ВМРО-ДПМНЕ е реструктуирана, реформирана народна партија за македонско национално единство. Додека јас сум претседател, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде народна партија, која ќе се темели на чест, работа и напредок, нема таков полусвет да крои политики во ВМРО-ДПМНЕ“.
ДВ: Течат Вашите консултации за референдумското прашање, но и шпекулации дека Собранието ќе се прогласи за ненадлежно за распишување на референдумот бидејќи рамката ја усвојува Владата и тоа не е прашање во надлежност на Собранието. Што очекувате?
„Не се сомневам дека власта ќе направи сѐ, само за да не се соочи со народот. Бегаат од референдум, бегаат од избори, а суштината е дека бегаат од народот. Ако Собранието било ненадлежно, зошто тогаш носеа заклучоци… На крајот, во заклучоците стои дека Собранието ѝ препорачува на Владата да ја усвои и прифати предложената рамка. И тука нема бегање преку барање процедурално алиби. Воедно, за сите детали во врска со самото прашање за референдумот, консултациите се во тек и во втората половина на наредниот месец ќе излеземе со прецизни решенија, кои ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање можност да се срушат овие штетни политики и очигледни блокади“.
ДВ: Наќе Чулев, кој беше Ваш партиски предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада, соопшти дека по 25 години, повеќе не е дел од безбедносниот систем. Од Агенцијата за разузнавање објаснија дека до овој момент Чулев нема добиено отказ од Агенцијата, туку е суспендиран од работа, а причина за тоа било добиеното решение од Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации. Знаете ли за што точно станува збор во овој случај?
„Наќе Чулев е врвен професионалец, кој повеќе од 25 години работи во безбедносните структури штитејќи ги уставниот поредок и безбедноста на Македонија. Тоа парче хартија, кое се пишува во политичките кабинети на безбедносните служби, е само хартија, каде што по партиска директива и со мериторно мислење се прави партиски реваншизам. Изговорот е дека Чулев бил екстремист и радикал, а тој секогаш бил во првите редови за Македонија. Одземањето на безбедносниот сертификат е политичка нарачка. Впрочем, причините за неговото отпуштање од службата по цели 25 години работа за Македонија е зашто Чулев им ги ловеше криминалите. Е, затоа, за жал, во Македонија се останува без работа. Мојата целосна поддршка е за Чулев и знам дека нема никаква грешка направено затоа што за мене е доблест, а не е грешка, сакањето и работењето за Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

