Македонија
Мицкоски пред Курти да го осуди однесувањето на Вјоса Османи, порача Левица и најави интерпелација за Африм Гаши
Инцидентот што се случи со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на Меѓународниот Аеродром Скопје го отсликува системското непочитување на институциите и законите, првично од страна на самиот спикер Африм Гаши, кој нема никаква надлежност да реагира во конкретниот случај.
Реакцијата на неговото обезбедување, надвор од своите овластувања, де факто го попречило нормалното функционирање на безбедносните процедури, велат од политичката партија Левица.
„Иако е јасно дека се работи за скандалозно пречекорување на овластувањата, каде се подриваат македонските институции за да се заштити функционер од друга држава – три дена нема никаква најава за одговорност од страна на власта, освен неколку паушални и дипломатски соопштенија“, се вели во партиското соопштение.
Се додава дека ова не е нејзин прв меѓународен инцидент. Ваков инцидент Османи предизвикала и со авиокомпаниите „Туркиш ерлајнс“ и „Аустријан ерлајнс“, при што компаниите не дозволиле авионите да полетаат сѐ додека не се испочитуваат меѓународните воздухопловни стандарди за цивилен соообраќај (и покрај инсистирањето на нејзиното обезбедување).
„Реакцијата и протестната нота на косовската влада во најмала рака ги квалификуваме како срамни кои го штитат самоволието на Вјоса Османи. Виенската конвенција за дипломатски односи е децидна дека ослободени од безбедносен преглед се само официјалните гости на македонската влада, при што операторот на аеродромот добива официјално известување за таквото изземање од Министерството за внатрешни работи. Со тоа што Османи целосно ги заобиколила МВР и МНР и го повикала спикерот Гаши, се потврди дека дел од оваа влада е директно контролирана од Курти“, велат од партијата.
Очекуваат на најавената средба Мицкоски – Курти, премиерот на македонската влада да застане во одбрана на македонските институции и јасно да го осуди ваквото скандалозно однесување на претседателката на Косово.
Се додава и дека скандалозно е што МВР објави само соопштение и уште нема одговорност за обезбедувањето на Африм Гаши, кој веднаш мораше да биде санкциониран.
После скандалот со молитвата во Собранието и инцидентот на скопскиот аеродром, Левица е децидна дека Африм Гаши повеќе нема интегритет да ја врши функцијата претседател на Собранието и поради тоа ќе поднесе интерпелација за негово разрешување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поголем дел од Карпош без струја поради испад на трафостаница
Општина Карпош информира дека поради испад на трафостаница без електрична енергија е поголем дел од општина Карпош и тоа населбите Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Карпош 4, Тафталиџе, како и делови од Влае и Злокуќани.
„Од ЕВН не информираа дека нивните екипи се веќе на терен и работат на поправка на дефектот“, велат од Општина Карпош.
Се огласија и од ЕВН. Оттаму велат:
„Поради испад на 100/35/10 кВ трафостаница „Запад”, дел од Карпош остана без снабдувањето со електрична енергија. Екипите на Електродистрибуција веднаш излегоа на терен и го вратија снабдувањето со електрична енергија во поголемиот дел од општината. Се продолжува со работа се до потполно отстранување на дефектот и нормализирање на снабдувањето за сите засегнати корисници“, ни одговорија од ЕВН.
Македонија
Еуроњуз: Македонија има најмногу смртни случаи во Европа како последица на загадувањето
Најпогодена држава од загадувањето на воздухот е Македонија, а по неа следи Србија, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух.
Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.
Институтот за јавно здравје лани објави извештај според кој речиси 18% од вкупната смртност во Македонија може да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Претходно УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загаден воздух.
Македонија
На Попова Шапка повеќе од половина метар снег
До крајот на денот нè очекува облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Поради ниските температуре и северниот ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Како што информираат од УХМР, највисока снежна покривка измерена е во Попова Шапка со 64 сантиметри снег, Маврови Анови 50 сантиметри, Штип 30 сантиметри, Тетово 26 сантиметри, додека во Крушево 24 сантиметри.
Најниски температури измерени се во Маврови Анови и Попова Шапка -7 степени Целзиусови, во Крушево -6 степени Целзиусови, додека во Берово и Прилеп измерени се -3 степени Целзиусови.
Од УХМР велат дека утре времето ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени Целзиусови.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени Целзиусови.
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.