Македонија
Мицкоски: Резолуцијата да биде прифатена од сите партии без изговори и условувања
Резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии, без условувања, барање изговори, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање пред денешниот настан „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“ во Карпош, во врска со резолуцијата што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а која треба да се најде во Собрание на дневен ред.
Мицкоски вели дека прифаќањето на резолуцијата од сите политички партии ќе значи единство кое ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но пред сè ќе се зацврстат државните позиции на Македонија.
„Колку што имам информација резолуцијата ќе биде ставена на дневен ред во текот на утрешниот ден. Очекувам поддршка од сите политички партии во Парламентот, без условувања и без демагогии, без изговори, очекувам да се надминеме себеси и да покажеме единство коешто мислам дека во периодот кој следи ќе ни биде многу значајно во процесот на отпочнување преговори со ЕУ и тоа само ќе ги зајакне на позициите на Македонија како држава“, потенцираше Мицкоски.
Во однос на датумот за одржување на локалните избори истакна дека треба да се прекине со праксата да се крши уставот бидејќи датумот за локалните избори го дефинира Уставот.
„Околу датумот на избори тоа не е тема за којашто ние ќе зборуваме на зелен пазар, тоа е тема што ја дефинира Уставот и навистина треба да прекинеме со праксата да го кршиме уставот, како дефинира Уставот така ние треба да се однесуваме и тоа што го дефинира Уставот тоа треба и да го примениме. Ако Уставот вели дека мандатот на градоначалниците и советите е четири години, тогаш по четири години ние треба да го имаме првиот круг избор на градоначалници и советници. Така што ова не треба да биде тема за дневна политика, јасен е Уставот, го повикувам претседателот на Собранието Талат Џафери практично да ги распише изборите, онака како што се според Уставот дефинирани“, нагласи Мицкоски.
Тој беше прашан за став по однос на новиот изборен модел за претстојните локални избори при што е предвидено да има отворени листи за избор на општинските советници. Во таа насока, Мицкоски истакна дека овој предлог е предложен и е осмислен како да изгледа и како да се примени, токму од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не како што денеска тоа го презентираше Зоран Заев изразувајќи задоволство дека за ваков изборен модел се согласи ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи дека кога веќе Заев нема храброст тоа да го признае пред јавноста барем пред себеси да ја признае вистината околу концептот за отворените листи.
„Во делот на новиот концепт за отворени листи каде што изрази задоволство, што опозицијата го прифатила нивниот предлог за отворени листи, претпоставувам барем пред себе треба да си ја признае вистината околу концептот за отворени листи. Ако нема храброст тоа да го каже во јавноста, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не само што го прифати туку и ВМРО-ДПМНЕ го предложи концептот и начинот како би изгледало тоа законско решение иако тој вчера, како познат препишувач, кажа дека тоа било нивен предлог и дека ние како ВМРО-ДПМНЕ сме го прифатиле“, рече Мицкоски.
Напротив, додаде Мицкоски, предлогот е на ВМРО-ДПМНЕ а СДСМ и Зоран Заев го прифатија, но и тоа е ирелевантно.
Тој цени дека тоа е еден нов квалитет на политичката сцена, каде што индивидуи коишто се силно мотивирани, коишто ценат дека имаат и уживаат углед во средините од каде што потекнуваат, ќе имаат можност тоа, практично и да го покажат без разлика на кое место на листата на советници се наоѓаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

