Македонија
Мицкоски: Укинувањето на балансерот не е иницијатива на политичка партија, туку доаѓа од ЕУ

Нашиот став, не е став на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, кога ќе го отворите скрининг извештајот ќе видите дека тоа е став на Европската Унија, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ се откажа во Собранието од Балансерот.
Мицкоски потенцираше дека Балансерот изминатиот период бил злоупотребуван посебно во декларирањето во етничката припадност на граѓаните.
„Ако сакаме ние да правиме реформи за што самата Европска Унија вели дека треба да правите реформи тогаш една од реформите е и ова. Во која што тие велат дека времето на Балнсерот измина, бидејќи бил предмет на многу злоупотреби во минатото посебно во декларирањето во етничката припадност на граѓаните. И тоа не е став на ВМРО, став на ВРЕДИ, став на ЗНАМ, на СДСМ, ДУИ или не знам која друга политичка партија. Тоа е став на Европската Унија. Сакаме да одиме таму или не сакаме сега? Ако сакаме да одиме таму, тогаш треба некогаш да ја прифатиме и таа работа која што можеме да ја прифатиме, а тоа во случајов е Балансерот, односно да се направат реформи или да нема. Тоа е политиката која што треба да ја водиме ако не сакаме, ако не сакаме, тоа е друга работа. Треба да кажеме кога треба да се менува име, кога треба да се ставаат овие во Устав и оние, тогаш нема проблем тогаш сме за Европа. Но кога не треба тоа, кога треба нешто друго да се прави е тогаш не бива работава“ изјави премиерот и додаде:
„Комисијата во Собрание треба да ја гледа правичната застапеност. Правичната застапеност и под правична застапеност вие немате само етничка имате и родова односно полова, да бидам попрецизен да не се заглавам во родовите политики на некои претходници“, рече премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.