Македонија
Мицкоски: Ќе го формализираме тргувањето со криптовалути

Ќе бидеме пионери или меѓу првите во регионот што ќе понудат формализиран пристап во трговијата со криптовалутите и Blockhain-технологијата, нешто што денеска многу млади луѓе не само во Македонија туку и во регионот, Европа и во САД претставува сериозен исчекор кон иднината. Да одиме кон иднината, а не пасивно да ја чекаме, затоа што, ако пасивно ја чекаме иднината, никогаш нема цврсто да зачекориме кон неа, рече Мицкоски на промоцијата „Македонија за сите луѓе“ во Карпош.
Мицкоски рече дека со формализирање на пазарот за криптовалути ќе се овозможи над половина милијарда евра да завршат во буџетот. Тоа се половина милијарда евра за образование, за инфраструктура, за болници и за голем број проекти, потенцира тој.
„Токму овој проект на ВМРО- ДПМНЕ ќе донесе развој на Република Македонија, овој проект ќе биде за добросостојбата за граѓаните и за државата. Наместо полиња со марихуана, ќе имаме модерни технологии и повеќе пари за народот. ВМРО-ДПМНЕ нуди политики за 21 век, а СДСМ ја враќа Македонија во 19 век“, истакна Мицкоски.
Тој истакна дека моментно пазарот на криптовалути има вредност од 2,5 трилиона долари, што е многу повеќе од капитализацијата на најголемите светски банки, инвестициски фондови и големи фирми.
„Македонија мора да фати чекор со иднината. Во Германија 40-ина банки вршат трговија со круптовалути и им овозможуваат на своите клиенти да разменуваат биткоини или етериуми за пари“, рече Мицкоски и дополни дека тоа ќе биде случај и во Македонија и тоа ќе значи голема можност и за граѓаните на Македонија и за луѓе од соседството да го врамат своето тргување во една легална законска рамка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.