Македонија
МНР ги поздрави препораките на историската комисија
Министерството за надворешни работи соопшти дека во целост ја поддржува работата на Комисијата за историски и образовни прашања со Република Бугарија и ја поздравува вечерашната објава на препораките кои се дел од Протоколот потпишан меѓу двете земји во 2019 година.
Оттука велат дека работата на Комисијата, содржината на којашто таа работа, е целосно автономна, суштински експертска и професионална, заштитена од какви било политички влијанија. Овој предуслов е содржан и во принципите на Протоколот потпишан меѓу двете министерства за надворешни работи и претставува еден од клучните принципи кои обезбедуваат стручност и автентична експертиза во работата на Комисијата.
Понатаму, како што велат од МНР, претставените резултати од работата на Комисијата го задржуваат принципот на реципроцитет за двете земји, што претставува еден од суштинските елементи за градење на меѓусебната доверба и меѓусебна почит, принцип кој исто така е нотиран во содржината на Протоколот потпишан меѓу двете земји.
Трето, со објавените резултати Комисијата покажа дека со храбар, но стручен и искрен пристап, историчарите можат да се изнајдат пристојни и автентични решенија, базирани на историските вистини кои почиваат на факти, а кои нудат можност за заедничко чествување на одредени историски настани, надминување на разликите и создавање основа за изградба на стабилна заедничка иднина меѓу двете земји, смета МНР.
Министерството додава дека Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија и натаму ќе ја има нивната целосна поддршка, особено во насока на поддршка за автономијата во нивната работа.
„Сакаме и да ја охрабриме Комисијата да продолжи и понатаму со својата работа, ослободени од политичките притисоци кои се создаваат во јавноста, потпирајќи се на својата стручност, совесност и експертиза“, се додава во соопштението на МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите полицајци во земјава денес ќе добијат телеграма: Секој што ќе биде посочен дека е можен сторител на семејно насилство да биде повикан во полиција
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со телеграма, која ќе ја испрати уште денес, ќе ги извести сите полициски службеници дека треба да го повикаат на разговор секој што ќе биде посочен како можен сторител на семејно насилство, без разлика дали се работи за маж или за жена.
„Полициско поставување во иднина посебно ќе биде фокусирано и на сторителите. За секој еден ваков случај каде што ќе имаме доза на сомнеж, па макар и на најмал сомнеж секој еден кој што ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство ќе биде повикуван во полициска станица на информативен разговор. Еве јавно го кажувам тоа, секој еден, без разлика дали е од машки пол, од женски пол којшто ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица. Секој еден. Денес ќе спроведеме телеграма до сите полициски службеници на територија на државата со која во рамки на полициското работење ќе дадеме инструктивни упатства. Тоа ни го дозволува Законот за полиција и врз снова на таков тип полициски дејствија ќе можеме да навлеземе во рамки на одредени оперативни активности кои ни се дозволени согласно закон“, рече денес министерот на прес-конференција на која соопшти детали за трагедијата во Карпош во која загинаа мајка и шестгодишно дете по пад од зграда само два часа по пријавата во полиција за несогласување меѓу сопружниците.
Министерот Тошковски ги повика сите граѓани кои ќе сведочат на семејно насилство тоа да го пријават во полиција. Најави дека за случајот во Карпош посебно ќе го истражат постапувањето на полицијата и повика на фокусирано постапување и од останатите институции, посебно од Центарот за социјални работи за да се подобрат состојбите во иднина.
Македонија
Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Итната интеграција на Западен Балкан во ЕУ е најголема гаранција за мир
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во прва официјална посета на земјава, на церемонија со највисоки државни и воени почести.
По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на македонската и делегацијата на НАТО, претседателката изјави дека посетата доаѓа во време на сериозни и непредвидливи безбедносни предизвици, што, како што рече, ја потврдува важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на Алијансата.
Таа го информираше Руте за викенд-седницата на Советот за безбедност, на која било заклучено дека, и покрај стабилната внатрешна состојба, е потребно постојано следење на настаните и навремено реагирање. Сиљановска-Давкова нагласи дека актуелните геополитички тензии, војната на европско тло, сајбер и хибридните закани бараат будност, рано предупредување и одржливи инвестиции во одбраната.

Претседателката истакна дека земјава како кредибилен сојузник го спроведува Планот за инвестиции во одбраната и ги исполнува обврските од самитите во Велс и Хаг, вклучително и издвојувањето најмалку 2% од БДП за одбрана, од кои над 30% се наменети за модернизација.
Таа ја потенцираше и активната улога на македонската армија во борбените групи во Латвија, Бугарија и Романија, како и во мисиите КФОР во Косово и ЕУ-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, додавајќи дека безбедноста е заедничка одговорност. Во разговорите, како што рече, не изостанала ни поддршката за Украина и заложбата за праведен и траен мир.
Генералниот секретар Руте ја потврдил значајната улога на земјава во безбедноста на Западен Балкан, оценувајќи дека регионот е од стратешко значење и дека Алијансата нема да дозволи создавање безбедносен вакуум.

На крајот, Сиљановска-Давкова порача дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна политичка интеграција во Европската Унија. Таа повика да се става крај на „вештачките причини“ и историско-идентитетските блокади за членство и фокусот да се насочи кон исполнување на Копенхашките критериуми.
Претседателката изрази очекување дека на Самитот на НАТО во 2026 година во Анкара посебно внимание ќе биде посветено на безбедносната состојба во регионот.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.

