Македонија
МНР: Конзулатот во Солун е во комуникација со семејството на починатото момче за транспорт на телото
Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во Република Северна Македонија, соопшти Министерството за надворешни работи и трговија, по веста за смртта на 19-годишното момче на плажа во Ханиоти.
„Ве информираме дека до македонскиот Конзулат во Солун е доставена информација дека на плажа во близина на Халкидики животот го загубил 19-годишен македонски државјанин. Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во Република Северна Македонија“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинение за директорот на „Комунална хигиена Скопје“ поради преполните контејнери во главниот град
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Истрагата покажа дека во текот на октомври годинава, двајцата обвинети, со пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и со непрописно управување со отпадот можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителниот или животинскиот свет во поголеми размери.
„Вршителот на должноста директор во ЈП „Комунална Хигиена“ Скопје, постапил спротивно на Статутот на претпријатието, на Законот за комунални дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал работите од неговиот делокруг на работа, не учествувал во утврдување на критериумите за користење и распоредување и за управување со средствата остварени со работењето на претпријатието, не го следел и не го анализирал извршувањето на плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивно остварување и не обезбедил мерки за заштита на животната средина. Како директор на јавно претпријатие кое е давател на комунална услуга бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите“, соопшти Обвинителството.
Заедно со вториот обвинет, вработен како Управител за отпад-подгрупа 5, давател на услуги во областа на комунални дејности кој имал Уверение за положен стручен испит за управување со отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и на Законот за управување со отпад не презеле мерки и активности за заштита на животната средина и не ги спроведувале плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на подрачјето на Градот Скопје.
Бидејќи не ја извршиле својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад, ниту побарале измена на Оперативниот план и Оперативна програма, обвинетите овозможиле да се создадат депонии на јавни и сообраќајни површини со одлагање на комуналниот отпад во непосредна близина на предвидените садови за собирање.
Бидејќи прибирањето на доказите е завршено, а обвинетите веќе немаат можност да влијаат на постапката, јавниот обвинител предложи мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено во судот и привремено одземање на патна исправа или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање.
За обвинетиот управител со отпад кој се уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно привремено отстранување од работното место.
Македонија
Мемов: Примената на Договорот за електронска размена на податоци помеѓу Фондовите на Македонија и Црна Гора ги дава очекуваните резултати
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Никола Мемов, во Подгорица имаше работна средба со директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Црна Гора, Владимир Дробњак.
На состанокот претставниците на двата Фонда разговараа за досегашната примена на Договорот за електронска размена на податоци помеѓу двата Фонда и за Техничкиот протокол за имплементација на Договорот, како и за чекорите што треба да се преземат во иднина за да се подобри соработката.
„Многу сме задоволни што соработката со Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија е одлична и придонесува за подобро остварување на правата од оваа област“, рече домаќинот на средбата, директорот на црногорскиот Фонд на ПИО, Владимир Дробњак. Тој додаде дека средбата е можност да се согледаат досегашните резултати и да се види каде може да има подобрување на истите. Дробњак, исто така, информира дека по даночната реформа која што е спроведена во Црна Гора, дефицитот на нивниот Фонд изнесува 57,9 проценти и тој се надополнува со трансфери од централниот буџет, а пензиите во изминатиот период ги имаат зголемено за 12,34 проценти.
„Добро е што во интерес на продлабочувањето на соработката со Фондот на Црна Гора ги согледуваме состојбите и ќе можеме да се договориме за понатамошните чекори за подобрување на истата“, рече директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов. Тој ги информира домаќините дека во периодот од септември 2024 година, до сега пензиите се зголемени за 29,6 проценти, што значи дека за пензионерите се издвојуваат речиси 500 милиони евра повеќе.
Помошничката на директорот за остварување на права во црногорскиот Фонд, Милка Вранеш извести дека од први јануари 2026 година примената на Договорот со Македонија, како и на оние склучени со Федерацијата на Босна и Херцеговина и на Република Србија ќе биде во надлежност на подрачните одделенија.
Директорката на секторот за права во македонскиот Фонд на ПИО, Билјана Стојанова информира дека е направена измена на членот 127 од Законот за ПИО, со која се воведува месна надлежност, односно барање за пензија може да се поднесе во местото на живеење на подносителот, а не како досега онаму каде што било последното вработување.
Директорот на Секторот за ИТ во Фондот на ПИОМ, Нехат Мустафа, нагласи дека примената на Договорот за електронска размена на податоци се одвива по зацртаниот план, а помалите технички проблеми се отстрануваат успешно во заедничка соработка со црногорскиот Фонд.
На состанокот беше заклучено дека за да се подобри ефикасноста е потребно задолжително да се зема изјава во која странките ќе наведат каде и во кој период работеле, во случаите кога подносителите на барање за старосна пензија немаат работна книшка.
Македонија
Поднесено обвинение за упадот во просториите на редакцијата на „Инфомакс“
Јавен обвинител ја заврши постапката за прибирање докази и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривични дела – насилство и спречување на службено лице во вршење службено дејствие.
Обвинетиот на 10 декември извршил грубо насилство спрема двајца новинари во дневно-информативниот онлајн медиум „Инфомакс“, како и спрема гостин во нивната емисија, со што ги спречил во вршење на професионалната дејност.
„Додека емисијата „Тешки муабети“ се емитувала во живо на YouTube и на социјални мрежи, обвинетиот пишувал навредливи и заканувачки коментари за еден од новинарите поради критиките што во емисијата биле упатувани кон премиерот. Потоа обвинетиот дошол на адресата на која се наоѓа студиото, ја обил влезната порта, ги искршил и влезната врата од објектот и вратата на студиото, па како резултат на тоа емисијата била прекината. Еден од оштетените се обидел да го задржи обвинетиот да не влезе во студиото, но тој продолжил да вика и да им се заканува по живот, ги пцуел и ги навредувал присутните, а се обидувал и физички да ги нападне, замавнувајќи со рацете и фрлајќи со чаша кон нив. Оштетените повикале полиција, додека во меѓувреме успеале да го смират обвинетиот и да го извадат надвор на улица“, се наведува во соопштението од обвинителството.
Со насилничките дејствија обвинетиот предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените и други присутни лица.
Медицинското вештачење на обвинетиот покажа дека и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, тој делото го извршил во состојба на пресметливост. Согласно тоа, јавниот обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор со цел негово обезбедување во текот на постапката.
Основното јавно обвинителство Скопје истакнува дека приоритетно постапува во сите предмети кои се однесуваат на евентуални напади врз новинари и загрозување на слободата на говор.

