Македонија
Мобилна апликација за помош и поддршка на жртвите на насилство – „Биди безбедна“
Министерството за труд и социјална политика заедно со УНДП ја креираа првата мобилна апликација за помош и поддршка на жртвите на насилство „Биди безбедна“, достапна на три јазици: македонски, албански и ромски. Апликацијата ќе им помогне на жртвите на семејно насилство брзо и едноставно да побараат помош и поддршка, без разлика на времето и местото на кое се наоѓаат кога се во опасност или кога имаат потреба од поддршка.

Со вклучување на геолокаторот само со еден клик жртвите ги испраќаат својот мобилен телефонски број и точната локација на која што се наоѓаат до националната СОС-линија за жртви на семејно насилство. Веднаш потоа жртвата ќе биде контактирана од одговорните лица.
Апликацијата е најпотребна токму сега, во период на корона-криза, кога постои ризик случаите на семејно насилство да се зголемат. Преку опцијата „Важни контакти“ може да се контактираат сите институции и здруженија на граѓани што им даваат помош и поддршка на жртвите на сите видови родово базирано насилство.
Оваа апликација нуди многу можности, вклучувајќи ја и опцијата корисниците да си изберат броеви за поддршка од својот именик, член од семејството, личност од орган, институција, невладина организација или која било друга личност на која ѝ веруваат. Исто така, апликацијата има едукативни и информативни содржини, вклучувајќи информации за правата на жртвите, практични совети за заштита, лични сведоштва на жртвите, како и целиот протокол за меѓусебна соработка на надлежните институции и здруженија за заштита и спречување од семејно насилство. Апликацијата е достапна за користење од сите паметни телефони.
Подетаљни информации на следниов линк: https://www.mtsp.gov.mk/media-centar-ns_article-bidi-bezbedna.nspx
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Поддршката за новороденчињата зголемена од 7.000 на 10.000 денари, инвестираме во нова градинка во Центар
Општина Центар ја зголемува финансиската поддршка за младите семејства и за пензионерите, информираше градоначалникот Горан Герасимовски.
„Еднократната парична помош за секое новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари“, изјави Герасимовски.
Со оваа мерка, Општина Центар продолжува со континуирана поддршка за семејствата со новородени деца. Финансиската помош ќе ја добијат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на општината.
Покрај директната финансиска поддршка, мерката овозможува и прецизна евиденција на бројот на новородени деца на годишно ниво, што претставува основа за следење на демографските движења во општината. Овие податоци се користат и за поефикасно планирање на капацитетите во детските градинки во Центар.
Дополнително, предвидени се капитални средства за изградба на нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар, со капацитет за згрижување на околу 100 деца.
Во рамки на социјалните мерки, Општина Центар ја зголеми и еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања, од 2.500 на 5.000 денари.
Истовремено, во тек се подготовки за изградба на дом за стари лица на територијата на Општина Центар.
Фото: Depositphotos
Македонија
Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ дадоа свечена изјава како нови членови на Судскиот совет
Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ денеска, во Охридската сала на Собранието, дадoa свечена изјава како нови членови на Судскиот совет, пред претседателот на Собранието, Африм Гаши и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Јошевска-Анастасовска е адвокатка од Скопје со повеќегодишно искуство од областа на Кривичното право.

Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН, како и на универзитетот МИТ.

Тие беа избрани на предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Предлозите на претседателката доаѓаат по усвојувањето на новиот Закон за Судски совет кон крајот на минатата година, кој ги заостри условите и процедурата за избор на членови на ова тело.
Судскиот совет брои 15 члена, од кои осум избираат активните судии, двајца се членови по функција (претседателот на Врховниот суд и министерот за правда – без право на глас), тројца избира Собранието, а двајца се избираат во Собранието по предлог на претседателот на државата. Се смета за клучен орган во судскиот систем на земјата, одговорен за избор и разрешување на судиите и претседателите на судови и за оценка на нивната работа.
Македонија
(Видео) Фрчкоски: Паралелно со антиамерикански активности, Мицкоски води и анти-ЕУ кампања
Паралелно со антиамерикански активности, Мицкоски води и анти-ЕУ кампања, обвини Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Суспендирани визи од САД – периметарот на Мицкоски ја доведе Македонија во ранг со Сомалија. Последната одлука на САД е Македонија да биде опфатена во суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија. Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработката на визи. СДСМ подолг период предупредува за штетата од погрешните политики на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ загрозувајќи го стратешкото партнерство со САД и интеграцијата во ЕУ“, рече Фрчкоски.
Тој додава дека најблизок соработник на Мицкоски во Владата е Иван Стоилковиќ, кој, според него, има отворени проруски ставови и директни врски со Москва.
„Пред само неколку дена го видоме Стоилковиќ како слави заедно со ноќните волци блиски до Путин. Паралелно со овие анти американски активности, Владата на Мицкоски води и анти-ЕУ кампања. Се продуцираат намерни судири со Грција и Бугарија, се отвораат затворени прашањa, се измислуваат изговори, за да се оправда изолацијата и блокирание преговори. Не се спроведуваат никакви реформи, владата води анти-ЕУ и анти-американска политика, ја води Македонија кон целосна изолација. Паника е голема. САД носат специјален Закон за Западен Балкан насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата и ова се само први чекори што ги гледаме. Следуваат и црни листи, се најавуваат и можни санкции. СДСМ ќе продолжи да ја разоткрива оваа агенда, бидејќи наши стратешки пријатели се САД а местото на Македонија е во НАТО и ЕУ“, рече Фрчкоски.

