Македонија
Можно е Костадинов да се кандидира за градоначалник на Струмица како независен кандидат

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, ја отвори можноста да се кандидира како независен кандидат за нов мандат, oткако СДСМ не го предложи за претстојните локални избори, по што тој го замрзна членството во партијата.
На социјалните мрежи, Костадинов сподели дека добива стотици пораки, повици, разговори – со прашањето: „Дали ќе се кандидираш како независен кандидат за градоначалник?“ Неговиот одговор е: „ Да, можно е, но оваа одлука не е конечна ова е мисла во зачеток“, напиша Костадинов.
Дополнително, вели, и дека не сака со ништо да им наштети на неговите другари (мисли на довчерашните сопартијци од СДСМ) со кои делел и добро и тешко, но не може да молчи пред енергијата што ја чувствува од граѓаните.
Најави дека одлуката ќе ја соопшти јавно за неколку недели – и таа ќе биде остра, конечна и целисходна. Зашто кога одговараш пред народот, вели Костадинов, мораш да бидеш подготвен не само да победиш, туку и да ја носиш победата со чест.
СДСМ вчера ги соопшти имињата на 11 кандидати за градоначалници, а Костадинов повеќе не е нивен предлог за Струмица. Во овој град Социјалдемократскиот сојуз вчера го предложи Марјан Даскаловски, по што Костадинов објави дека го замрзнал членството во партијата. Информира дека одлуката ја донел со чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото. Костадинов , потоа, поради, како што рече, тешката состојба на неговата партија најави ново интерпартиско делување кое ќе почне да го креира во следните месеци, а ќе го презентира по локалните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.