Македонија
Монтажен паркинг во Капиштец и нова градинка во Пролет меѓу проектите на кои ќе се работи во Центар

Советниците на Општина Центар на вчерашното продолжение на втората седница на Советот го изгласаа Планот за програми за развој на општината за периодот од 2022 до 2024 година, со 12 гласа за, осум воздржани и три против.
„Со донесениот план за програми за развој се планира развитокот на општината и создавањето подобри и похумани услови за живот во Центар за сите граѓани“, велат од општина Центар.
Планот за програми за развој на Општина Центар за периодот 2022-2024 предвидува реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на основните училишта и детските градинки, реконструкција на постоечка и изградба на нова инфраструктура, реконструкција и модернизација на јавното осветлување, изградба на монтажен паркинг во функција на објекти и модернизација на ИТ-системите во општината.
Меѓу поважните проекти за претстојните две години се наоѓа и изградбата на градинката во населба „Пролет“, прва од ваков тип, најавена од претходниот градоначалник, Саша Богдановиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
„Градинката ќе има вкупна површина од 3.230 метри квадратни и ќе чини 152.520.000 денари (без ДДВ), односно 47.000 денари по метар квадратен. Истата ќе биде изработена со современи и квалитетни материјали, со антибактериски подови, ќе има прозорци со нано филтри и енергетски ефикасна структурална фасада. Греењето во градинката ќе биде еколошко, односно дел на централно греење (градско парно), а дел на топлински пумпи“, соопштуваат од општина Центар.
Друга активност е изведбата на монтажниот паркинг во Капиштец, со 294 паркинг-места.
„За системот на паметно паркирање, кој е револуционерен и за прв пат ќе биде изведен, веќе се изготвени анализата за техничките барања и финалното техничко решение за имплементација на истиот. Се работи за современ систем за мониторинг кој ќе функционира по цела должина на улицата Орце Николов. Системот ќе обезбеди постојано следење на паркинг-местата на ‘Орце Николов’, мониторинг на местата во зоните за посебни намени и ќе врши мониторирање на сообраќајот на улицата“, информираат од општината.
Што се однесува на реконструкцијата на улицата Ленинова (делот од бул. Партизански одреди до ул. Митрополит Теодосиј Гологанов), од општина Центар појаснуваат дека станува збор за реконструктивен зафат на дел од улицата, кој се изведува на барање на жителите и вкупната површина која ќе биде опфатена со реконструкцијата изнесува 6.720 метри квадратни, односно 6.320 денари по метар квадратен.
„Покрај овие активности, предвидени се и реконструкции на основни училишта и детски градинки, набавка на специјални возила за одржување на хигиената на улиците и јавните површини на територијата на општината, како и изведба и одржување на современиот ЛЕД систем на улично осветлување“, велат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.