Македонија
МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ
Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во две саботи, односно на 18 мај и 1 јуни, објави претседателот на Самостојниот синдикат за образование и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Во дописот што го објави Неделков стои дека причината е за да се исполни одредбата од законот, со кој учебната година се остварува во 180 наставни дена, а притоа да не се продолжи учебната година.
МОН, покрај тоа, ги задолжува основните училишта во град Скопје на 15 јуни да ги одработат и пропуштените часови од 30 ноември лани, кој беше неработен ден поради одржувањето на министерскиот совет на ОБСЕ.
Неделков побара од министерот Јетон Шаќири веднаш да го повлече известувањето до училиштата.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат ‘неработните’ денови прогласени од Владата поради одржувањето на претстојните избори! Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни дена, како, на пример, учебната 2021/2022 година“, напиша Неделков на „Фејсбук“.
Владата, претходно, ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржувањето на изборите, 24 април и 8 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

