Македонија
МОН: Од денес почнува електронското аплицирање за сместување во студентски домови во академската 2024 – 2025 година
Министерството за образование и наука ги известува студентите запишани на јавните и приватните високообразовани институции во државата, дека е објавен Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во државата за академската 2024/2025 година.
Согласно конкурсот, обезбедени се 4303 места, од кои 1034 за студенти од прва година, а 3269 се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти.
Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.
Исто така, право на прием имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и слично, односно: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Северна Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk. Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 15.7.2024 година и трае до 31.7.2024 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 10.9.2024 година и трае до 17.9.2024 година. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30.11.2024 година.
Конкурсот заедно со сите потребни документи за аплицирање за сместување во студентските домови е објавен на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

