Македонија
МОН: Предложените реформи се во согласност со препораките на Светската банка
Предложените реформи во основното образование од страна на МОН се во целосна согласност со препораките на Светската банка, објавени во последната белешка, која се однесува на основното образование во Северна Македонија, соопшти Министерството за образование и наука.
Од таму наведуваат дека Светската банка препорачува создавање подобар образован систем во кој учениците ќе бидат во фокусот, а наставниците ќе добијат поддршка, како и подобрување на условите во училиштата, со што ќе се обезбеди инклузивен пристап.
„За потсетување, новата концепција за основно образование на МОН предвидува развој на критичкото размислување кај учениците, како и поврзување на знаењата преку разни дисциплини токму низ интеграција на предмети, што е препорака и на Светската банка“, соопшти МОН.
„Преку наставната програма учениците мора да се стекнат со вештини што им се потребни за да се развие нивното критичко мислење, како и да бидат активни и релевантни учесници во општествениот живот. Исто така, треба да им се помогне на учениците подобро да ги поврзат разните предмети и да го применат своето знаење во реални ситуации. Процесот на учење треба да биде организиран на начин што овозможува да им се чуе гласот на сите ученици и врз основа на повратните информации да бидат свесни за постапките што ги презеле“, стои во документот на Светската банка.
Според Банката, инвестирањето во основното образование е докажано дека дава поголеми резултати во споредба со подоцнежните степени на образование и обука и има одлучувачки придонес во развојот на човечкиот потенцијал. Во своето писмо тие се осврнуваат на важноста за обезбедување кариерен развој за наставниците, нешто што веќе е предвидено со реформите.
„Наставниците се срцето на процесот на учење и треба постојано да се поддржуваат и зајакнуваат. Оваа поддршка значи овозможување за напредување во кариерата како основа за градење капацитети и обезбедување постојан професионален развој така што ќе може подобро да ги утврдат и да ги разберат потребите за учење на учениците, особено на оние во ризик. Сите овие чекори треба да им помогнат на наставниците да станат подобри и поефективни едукатори“, стои во белешката на Светската банка.
Со сите овие елементи, кои се дел и од предложената реформа на МОН за основно образование, според Светската банка, ќе се намалат последиците од Ковид-19 врз образованието, а кризата ќе се искористи како можност за напредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијансата за Албанците ќе го обжали Законот за „Безбеден град“ пред Уставниот суд
Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, преку кој се овозможува имплементација на системот „Safe City“ (Безбеден град).
Од партијата наведуваат дека актуелната примена на системот отвора сериозни правни, уставни и социјални прашања, особено поради тоа што, според нив, се спроведува селективно – само во Скопје, Куманово и Тетово.
„Проект кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно на целата територија на државата, а не делумно и селективно“, порачуваат од Алијансата.
Дополнително, партијата укажува на непочитување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи известувањата и санкциите што произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.
Како посебен проблем го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.
„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но не преку непропорционални казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, посочуваат од партијата.
Алијансата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласале за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, обвинувајќи ги дека тоа го сториле „без грижа за благосостојбата на граѓаните и без да ги адресираат сериозните уставни недостатоци“.
Во образложението за најава на иницијативата, партијата го посочува и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен поради селективна примена. Од таму очекуваат Уставниот суд да постапи на сличен начин и во случајот со „Безбеден град“.
Македонија
Со гласањето против „Безбеден град“, СДСМ и ДУИ застанаа против безбедноста на граѓаните, рече Мицевски
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, коментира дека СДСМ и ДУИ на денешната собраниска седница гласала против измените на Законот за прекршоци, со што, како што рече, се спротивставила на проектот „Безбеден град“ и на напорите за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
„Коалицијата Али и Венко, СДС и ДУИ, денеска во Собранието гласаа против проектот ‘Безбеден град’. Тие гласаа против измените што овозможуваат имплементација на системот најпрво во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од Коридорите 8 и 10, каде што опремата е веќе поставена“, рече Мицевски.
Тој наведе дека двете опозициски партии со тоа директно гласале против намалување на сообраќајни несреќи, повреди и смртни случаи.
Како илустрација, Мицевски посочи дека на 1 октомври 2025, кога започнал пробниот период на системот, камерите во Скопје регистрирале 110.000 прекршоци – 90% од нив за брзо возење. Само еден ден подоцна, на 2 декември, бројката се намалила на околу 50.000 прекршоци.
Дополнително, според статистиката што ја наведе, во првите осум месеци од 2025 година, во сообраќајни несреќи загинале 91 лице (просечно 11,3 лица месечно), додека во 2024 година бројот изнесувал 142 (11,8 месечно).
„Сега, бројката е намалена на само 2 смртни случаи во декември 2025 и јануари 2026“, истакна Мицевски.
„СДС и ДУИ уште еднаш покажаа дека не умеат да застанат зад политика што е во интерес на граѓаните. И покрај поразот на изборите, продолжуваат да делуваат спротивно на јавниот интерес“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Левица за „Безбеден град“: Глобите да се пресметуваат според примањата
На денешната седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека во Законот за прекршоци, преку кој ќе профункционира системот „Сејф сити”, Левица ќе поднесува измени особено во однос на глобите, односно ќе бараат скалесто казнување.
„Не може да се казнуваат исто луѓе со месечни примања од 500 ЕУР и луѓе со месечни примања и од по 50.000 ЕУР”, рече Крмов.
За Предлог-измените на Законот за прекршоци со цел имплементација на системот „Сејф сити”, Крмов истакна дека законското решение не е совршено, но пратеничката група на Левица ќе го поддржи бидејќи ценат дека тој систем би можел да спаси животи.
Пратеникот најави дека ќе следат корекции „во од” како што најави и власта, а при истите Левица ќе има свои предлози за кои побара поддршка од владејачкото мнозинство.

