Македонија
Мрежата за заштита од дискриминација: Противуствен е предлог-законот за верски училишта

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование.
Предлогот, како што се вели во реакцијата, е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование.
„Предлог-законот е во колизија со Уставот на Република Северна Македонија. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Дополнително, чл. 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет.
Одлуката на Уставниот суд У.бр. 182/2021 објавена на 29 мај 2024 година потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата. Одлуката е достапна на следниот линк: https://ustavensud.mk/archives/33087.
Законот за средно образование (чл. 7) изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници.
Предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Дополнително, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници.
Членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено.
Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив.
Членот 6 став 2 не утврдува јасни критериуми за наставен кадар, туку остава правна празнина во однос на тоа кој може да предава религиозни содржини. Исто така, постои правна неусогласеност меѓу член 7 став 8 и став 11, што создава недефинирани односи помеѓу основачот и Министерството во однос на верификација на наставниот план. Членот 11 е особено спорен бидејќи овозможува државна матура како услов за упис на секој факултет, додека во исто време дозволува и запишување на верски факултети без положување на матура. Оваа двојна регулација отвора простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Бараат итно повлекување на Предлог-законот и ја повикуваат Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. Усвојување на ваков закон, според нив, претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од улицата Мијачка, општина Ѓорче Петров.
Македонија
(Видео) Арсовска: Фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката Витина

„Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат. Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е РЕКОРДНИ 356.000 м3 НА ДЕН, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител“, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Секој ден се фаќаат по 30 ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИ од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува.
Тогаш мафијашите мислат дека можат да прават што сакаат и ќе си поминат неказнето, а нивниот број се зголемува. Сите скопјани трпат штета од таквите, сред најголемите горештини нема вода од таквите, 700 литри вода по жител на Скопје е колку овие ликови трошат на грбот на скопјани и на природниот извор Рашче.
Додека не пикнат еден од овие во затвор, состојбите само ќе се влошуваат, А ДРУГ ИЗВОР НА ВОДА НЕМАМЕ и нема како да се добие вода, џабе негодувања, џабе жалење.
На последниот случај на фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, изјави Арсовска.
Македонија
Сообраќајот на ГП Блаце во двата правци се одвива нормално за патничките моторни возила

Од 21:50 часот сообраќајот на ГП Блаце, во двата правци се одвива нормално за патничките моторни возила, а наизменично движење за ТТМВ со хладњачи додека за ТТМВ со церади движењето е се уште забрането, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.