Македонија
МТСП: Креираме активни мерки за вработување в година според потребите на регионите и бизнисот

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, бизнис-заедницата, локалниот економско социјален совет и останатите засегнати страни денеска во Битола ја одржаа втората регионална средба за креирање на новиот оперативен план за активни мерки за вработување за 2020 година.
Конкретните предлози се очекува да произлезат од локалниот економско социјален совет и стопанствениците од Битола, Ресен, Кавадарци, Велес, Демир Хисар и Прилеп, кои треба да ги дадат своите сугести за реалните потреби на пазарот на труд.
„Сметам дека овој тип дебати на локално ниво се клучни. Мерките се успешни кога се креираат според потребите на даден регион и за тоа веќе имаме успешен пример од минатата година. Во овој регион минатата година 700 лица ги користеле активните мерки за вработување. Верувам дека со добро планирање и сугестиите што ќе ги добиеме од бизнис-секторот можеме да го зголемиме бројот на вработувањата, но и да го обезбедиме потребниот кадар што недостига на компаниите и тоа ќе биде во интерес на сите“, рече Царовска.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, истакна дека улогата на АВРСМ е да биде вистински сервис за невработените, но и за бизнис-заедницата.
„Министертвото за труд и социјална политика ги креира мерките за оперативниот план со цел истите да бидат успешно имплементирани. Имаме успешна релизација во 2018 година којашто е над 95 проценти. Ваква висока реализација очекуваме и годинава. Во овој регион во моментот имаме над 350 работодавачи коишто ги користат услугите за вработување и над 700 лица.
Истовремено работиме на враќање на довербата на Агенцијата. Се насочуваме кон нов начин на работење. Во моментот течат обуки за наши колеги кои ќе станат советници на работодавачите и тие треба да даваат директна стручна поддршка на бизнисот. Исто така, од нова година планираме да воведеме целосно нов концепт на работење“, рече Јовановска.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ја поздави идејата за организирање на регионалниот состанок во Битола истакнувајќи дека само преку консултација може да се надмине проблемот со недостиг на кадар во Битола и во останатите општини од Пелагонсикиот и Вардарскиот Регион.
„Во Битола и во регионот недостига квалификувана соодветна работна сила и на овој проблем треба соодветно да се одговори. Годинава МТСП и Владата со четирикратно зголемените средства што ги има би можела да ви дадат соодветен импут во бизнисот преку овие мерки“, истакна градоначалничката Петровска.
Денешната средба во Битола беше органиизрана со поддршка на проектот за Зајакнување на социјалниот дијалог , кој го финасира ЕУ а го спроведува Меѓународната организација на трудот. Претходно регионална средба за ОП 2020 се одржа во Тетово, а до крајот на месецот ќе се одржат уште два регионални настани во Скопје и Струмица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.