Македонија
МТСП: Пензиите не се кратат, туку растат
Министерството за труд и социјална политика најостро ги демантира штетните невистини на ВМРО-ДПМНЕ дека пензиите ќе се скратат за 400 денари месечно и манипулирањето на 300 илјади пензионери. Ако некој ги кратеше пензиите тоа беше ВМРО-ДПМНЕ како претходна власт која правеше усогласувања надвор од законската рамка и не им го исплаќаше целото покачување кое ги следуваше со Закон.
,,Оваа Влада се грижи за сите граѓани, за сегашните и за идните генерации пензионери и усогласувањето на пензиите ќе го прави два пати годишно и тоа 100% со порастот на трошоците на живот, наместо 50% како што беше претходно. Се воведува и и дополнително усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст над 4%.
Како за споредба, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2015 пензиите ги зголеми за 621 денар и тоа само за 4 месеци. Во 2016 исто така усогласувањето се правеше надвор од законската регулатива и пензионерите добија по 654 денари само за еден месец од календарската година. На овој начин пензионерите не добиваа усогласување на пензиите во текот на целата година туку 2 месеци пред избори. Во 2017 година усогласувањето е направено според Закон, а пензионерите за цела година добија покачување од 1.974 денари. Во 2018 година усогласувањето се направи исто така според Закон и пензионерите и покачувањето изнесуваше 4.362 денари за цела година.
Исто така актуелната власт изминатите речиси две години обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите. Доказ за тоа се статистичките параметри коишто покажуваат евидентен раст на пензиите во Македонија. Така, во 2016 година просечната пензија изнесуваше 13.754 денари, во 2017 година 13.954 денари, а во 2018 година 14.421 денари. Секој пензионер преку едноставна споредба на пензиските чекови може лесно да пресмета и докаже колкав е порастот на пензиите во изминативе 19 месеци. Манипулаците на ВМРО ДПМНЕ се штетни за граѓаните и пензионерите”, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Коалицијата Менуваме“ ќе предложи закон за онлајн регистар за деца и млади со попреченост
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека подготвила нацрт-закон за онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби кој го споделува во јавноста за консултации и сугестии, по што ќе го достави во Собранието, Владата и во неколку министерства.
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека регистарот е дизајниран исклучиво за подобрување на институционалната координација, обезбедување континуитет на поддршката, намалување на административната дупликација и овозможување развој на информирани јавни политики преку агрегирани и анонимизирани податоци. Во сите фази од неговото воспоставување и употреба, како што наведува, регистарот целосно ќе ја почитува заштитата на личните податоци, приватноста, минимизирањето на податоците и ограничувањето на намената, во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди. Посочува и дека законот што го подготвиле не воведува нови механизми за категоризација или надзор ниту, пак, создава јавна база на податоци.
-Напротив, воспоставува строги контроли на пристап, јасно дефинирани институционални одговорности и робусни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, неовластен пристап или откривање на чувствителни информации. Децата и лицата со попреченост и посебни потреби се меѓу најранливите членови на општеството и им е потребна навремена, координирана и континуирана поддршка од повеќе институции. Остварувањето на нивните законски загарантирани права често зависи од ефикасноста, точноста и интероперабилноста на административните, социјалните, образовните, здравствените и другите јавни институции. Во огласност со принципите на човеково достоинство, еднаквост, недискриминација и најдобриот интерес на детето и лицето, овој нацрт-закон воспоставува онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби како безбеден, централизиран и нејавен електронски систем, се наведува во соопштението.
Јавната кокуникација за одготвениот нацрт-закон, додава „Коалиција Менуваме“ ќе биде ограничена на општа, објаснувачка и образовна содржина, обезбедувајќи целосно заштита на достоинството, приватноста и правата на децата и лицата со попреченост и посебни потреби.
-Со донесувањето на овој закон, Република Северна Македонија ја потврдува својата посветеност на инклузивно управување, дигитална одговорност и создавање систем кој одговара на реалните потреби на децата и лицата со попреченост и посебни потреби, ставајќи ги нивните права, достоинство и благосостојба во центарот на јавното дејствување, стои во известувањето.
Македонија
Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија
Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац. Притворот им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. односно поради опасност од бегство, за да не се влијае врз сведоците, за да не се повтори кривичното дело и поради можно нарушување на јавниот ред и мир, соопштија од тој суд.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно вечерва објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за издавање потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, со тоа што во текот на јануари набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогат преку границата до магацинот на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја земал за понатамошна продажба.
Оваа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција – претходната најголема заплена беше 1.960 килограми.
Македонија
Забрана за сообраќај поради снег на камиони од утрово на патот Маврово – Дебар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Како што информираат АМСМ и ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег со променлив интензитет утрово има во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот превој Буково врнежите се од дожд и снег.
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила поради врнежи од снег од 5.45 часот е воведена на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.

