Македонија
Мунир Колашинац ја објави кандидатурата за градоначалник на Скопје

Мунир Колашинац, претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), и официјално е кандидат за градоначалник на град Скопје.
По само неколку дена од најавата за самостоен настап на локалните избори, денеска на официјална прес-конференција беше најавена кандидатурата на Колашинац за градоначалник на град Скопје.
Покрај него, Бошњачкиот демократски сојуз на овие избори ќе настапи со свои градоначалници во општина Чаир, каде што кандидат е Елдан Џигал, во општина Долнени, каде што кандидат ќе биде Адмир Ујкановиќ, и во општина Велес, каде што кандидат ќе биде Семир Алимов.
Според претседателот на партијата и кандидат за градоначалник на Скопје, овие избори ќе бидат вистинска промена на енергијата на главниот град.
„Среќен сум што сум денеска овде пред сите вас и што имам можност да им се претставам на граѓаните. Ние сме млада партија, која има голем ентузијазам да дејствува и да придонесе добро за сите нас во Скопје. Доаѓам од бошњачката заедница, но едно знам – дека ќе бидам градоначалник на сите. Нашата цел е да прикажеме планови, цели и реализација, да не бидеме во редот на оние што ветуваат, а не остваруваат. На овие избори ќе настапиме поинаку, ќе настапиме визионерски и од таму е и нашиот слоган ПОИНАКВО СКОПЈЕ ЗА СИТЕ НАС“, изјави Колашинац.
Тој најави дека приоритет ќе му бидат неколку клучни проекти и промени за главниот град.
„Во нашата програма имаме зацртано неколку клучни проекти, кои се голем и горчлив проблем на скопјани. Ќе се фокусираме на нашата животна средина, на еколошките проблеми, ќе воведеме ред во сообраќајот, ќе инвестираме во младите и нивниот напредок, ќе ги поедноставиме административните процедури, ќе создадеме површини со кои ќе се гордееме. Ќе посветиме внимание на кејот на Вардар, на преубавото Водно, на препознатливото Кале, духот на Скопје, нашата Стара чаршија и незаменливата Матка. Ќе придонесеме за олеснето движење и достапност на сите знаменитости за лицата со попреченост. Сакаме Скопје да биде вистинска мека за сите. Ќе придонесеме за развој на градот во една поинаква насока, да се гордееме што сме скопјани и да бидеме пример за другите“, истакна Колашинац.
Ова е прв самостоен настап на една бошњачка партија на избори во Република Северна Македонија. Во наредниот период ќе бидат објавени јавно сите планови и проекти за кои партијата и нејзините кандидати ќе се залагаат на овие избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.