Македонија
Муртезани: Сакаме да обезбедиме гаранции за почнување, но и завршување на ЕУ-интеграцијата
На Платформа 2: 100% посветени за тебе се обрати и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани кој се осврна на интеграцијата во Европската Унија. Тој на почетокот на своето обраќање ја издвои работата на Реформската агенда која е дел од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Комисија.
„Реформската агенда е усвоена, а деновиве ја чекаме и Имплементирачката рамка која е обемна и која сериозно не само што ќе ги подготви нашите институции да станат кредибилни за влез во Европската Унија, а од друга страна и обврзувачки т.н. „прајс тагови“ односно условно речено награди за постигнувањето на реформите кои дополнително ќе ја забрзаат нашата интеграција,“ рече министерот Муртезани.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес тој истакна дека според него можеме во моментов да гледаме на него како составен од два дела.
„Едниот дел е формалниот услов од Европската Унија за спроведување на уставните измени. Меѓутоа исто така значаен процес е и процесот на имплементација на внатрешните реформи. Бидејќи ние и доколку ги донесеме уставните измени, реформите се процес кој мора да се одвива. И тој процес мора да се одвива согласно стандардите на Европската Унија бидејќи само така има смисла процесот, кој на крај треба да не приближи до Европската Унија. Моментално се работи на Патоказот за владеење на правото и Реформа во администрацијата, кои се основи за отворање на кластерот Фундаменти. Овие два патокази очекувам да бидат завршени во следните два месеци и со тоа нашата држава и формално правно ќе биде подготвена за отворање на овој кластер. Што се однесува до Уставните измени, многу јасно ја имаме изнесено нашата позиција, а таа е дека имаме подготвеност за носење на уставните измени, но пораката е јасна, носењето на уставните измени не треба да служи само за отворање на процесот. Ние мора да знаеме дека тој процес ќе заврши и кога. Со ова, настојуваме да го осигуриме процесот од отпочнување до завршување на преговорите, бидејќи согледуваме потенцијални места каде би можеле да се соочиме со повторни блокади од Бугарија. Во моментот кога ќе ги елиминираме, секако дека ќе продолжиме напред. На ова инсистираме, бидејќи, во случај на повторна блокада понатаму, прво, надежта помеѓу граѓаните ќе се изгуби во голема мера и ќе биде тешко да се убедат граѓаните дека ние еден ден ќе завршиме во Европската Унија. И второ, што е за мене и поопасно, во средина каде што има руска агресија врз Украина, ако потенцијалните идни блокади донесат до пораст на евроскептицизмот во нашата држава, мислам дека таа ситуација би била дури и опасна,“ истакна министерот Муртезани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

