Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Сарај и Илинден денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 13:00 часот, дел од корисниците од село Кондово, општина Сарај;
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. 534 и ул. 531 во село Марино, општина Илинден.
Македонија
На Табановце се чека до половина час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез во државата е околу 15 до 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
СДСМ: Демографија не се подобрува со кампањи, туку со квалитетен животен стандард и јасна перспектива за младите

„Наместо да создава услови младите да останат тука и да формираат семејства, Мицкоски ги брка од државата со зголемување на сиромаштијата и нееднаквоста, без да понуди каква било јасна перспектива за државата. Денес, младиот човек во Македонија е оставен без иднина. Стандардот е уништен. Платите се недоволни, а Мицкоски се заканува со нови даноци. Со вакви политики, за кратко време, тој ќе ги избрка сите од државата“, велат од СДСМ.
„Наместо да понуди современа, хумана и искрена поддршка за младите семејства, тој вели дека ќе ги едуцирал за „семејните вредности“. Демографијата не се решава со кампањи за „семејни вредности“, туку со стабилни и добро платени работни места, достапно и квалитетно здравство и сигурна социјална заштита.
Младите не бегаат затоа што не сакаат да создадат семејство, туку затоа што не можат да си го дозволат. Тоа е директен резултат на промашените и класично десничарски политики на оваа влада. Стандардот е намален за 20%, се богати само елитата околу Мицкоски, а за останатите граѓани нема никаква корист од владините политики.
Ако навистина сакаше да се раѓаат деца во Македонија, ќе се грижеше најпрво нивните родители да бидат сигурни и да ја гледаат својата иднина тука. Таква политика од Мицкоски нема“, соопшти СДСМ.