Македонија
Муцунски од Светскиот самит за влади во Дубаи: Во свет каде непредвидливоста е новата реалност, диверзификацијата е клучот за економска отпорност
Во рамки на работната посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово беше говорник на панел-дискусијата насловена „Следниот логистички поредок: Што мора да се промени“, што се одржа во рамки на Светскиот самит за влади.
„Во денешниот глобален политички пејзаж, единственото што е предвидливо е непредвидливоста. Тоа е реалност со која мора да се соочиме и да научиме да живееме“, истакна Муцунски, нагласувајќи дека наместо да се реагира само кога ќе се појават предизвици, неопходно е да се гради долгорочна способност за адаптација.
Тој посочи дека од перспектива на владите, диверзификацијата претставува клучна алатка за управување со ризици, што подразбира да не се зависи исклучиво од една индустрија, една рута, еден пазар или еден центар. „Потребно е активно да ги прошируваме нашите опции и почесто да соработуваме меѓусебно, особено со пазари и индустрии кои можеби досега не сме ги сметале за традиционални партнери“, нагласи министерот.
Во обраќањето беше истакната и потребата владите да водат поинтензивен дијалог и да реагираат побрзо во услови на глобални предизвици, имајќи предвид дека денешниот систем бара брза и ефикасна адаптација која треба да се претвори во предност.
Осврнувајќи се на деловното окружување, Муцунски посочи дека во Европа често постојат потешкотии за водење бизнис поради регулаторниот пристап, оценувајќи дека континентот се соочува со своевидна „хиперинфлација“ на законодавството. „Бизнисите бараат поедноставени процедури, ефикасност и брзина“, истакна тој, посочувајќи ги Обединетите Арапски Емирати како пример од кој може да се учи, не само во користењето современи алатки, вклучително и вештачка интелигенција во административните процеси, туку и во креирањето прилагодливо законодавство подготвено да го поддржи бизнисот. Притоа ја нагласи и важноста на партнерствата меѓу владите како механизам за создавање услови компаниите да бидат успешни.
Говорејќи за логистичката позиција на државата, министерот истакна дека Коридорот 8 се протега од Италија преку Јадранското и Јонското Море кон Албанија и Северна Македонија, а потоа од Бугарија до Црното Море, додека Коридорот 10 претставува клучен трговски и инфраструктурен правец што се движи од Унгарија, преку Србија и Северна Македонија, до пристаништата Солун и Пиреја. „Специфично за нашата држава е тоа што сме единствената земја во регионот каде се вкрстуваат Коридорите 8 и 10“, посочи Муцунски.
Тој нагласи дека е неопходно активно инвестирање во енергетската безбедност и поврзаноста, посочувајќи дека во моментов се гради интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до течниот природен гас што пристигнува во пристаништето Александруполис. Истовремено, во завршна фаза е подготовката за владина инвестиција во интерконектор со Србија, со цел гасот не само да пристигнува во земјата, туку и да транзитира преку неа.
„Кога станува збор за поврзаноста – било да е енергетска, инфраструктурна или преку инвестиции во аеродромската и авио-инфраструктурата, односно отворањето нови линии – клучни се диверзификацијата и јасното разбирање на сопствената позиција во светот и на континентот, како и на потребите на пазарите. Владата има јасен пристап и уверени сме дека овие инвестиции ќе бидат од суштинско значење за долгорочната иднина на нашата држава“, порача Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

