Македонија
Муцунски оствари бројни билатерални средби на маргините на Анталија Дипломатскиот форум

Во рамките на учеството на Анталија Дипломатскиот форум, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари низа билатерални средби.
На маргините на форумот, тој се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, со високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Молдавија, Михаил Попшоју, со министерката за надворешни работи на Грузија, Мака Бочоришвили, како и со европратеникот во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
На средбата со високиот претставник Шмит, фокусот беше ставен на политичката состојба во регионот, европската перспектива на Западен Балкан и значењето на постојана ангажираност за стабилност, мир и помирување. Средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Синирлиоглу, беше исклучително конструктивна – насочена кон размена на ставови за безбедносните предизвици и идентификување на потенцијалот за унапредување на регионалната стабилност и соработка.
На средбите со министрите за надворешни работи на Молдавија и Грузија беше потврдена одличната билатерална и мултилатерална соработка, со заедничка заложба за зајакнување на економските врски и интензивирање на поддршката во рамки на европските интегративни процеси.
На средбата со европратеникот Илхан Кјучук, министерот Муцунски ја истакна важноста од отворањето и водењето на пристапни преговори како најдобар механизам за обезбедување на неповратноста на реформските процеси и демократскиот развој. Притоа, нагласи дека е неопходно деескалирање на билатералните блокади и враќање на процесот на европска интеграција во неговата суштинска рамка – оценка според заслуги и исполнети критериуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.