Македонија
Над 1.000 лица со коронавирус се хоспитализирани во болниците во Македонија

Вкупно 1.082 лице се хоспитализирани во државата поради компликации од коронавирусот. Од Министерството за здравство соопштија дека има приближно 340 празни болнички кревети во ковид-центрите во Македонија.
Само во Скопје во изминатите 24 часа биле хоспитализирани повеќе од 60 пациенти, а вкупно се лекуваат 463 лица. Утрово, во 8 часот, имало 50 слободни места. Поради зголемениот број на пациенти во Скопје, отворен е и ковид-центратот на Клиниката за трауматологија.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 58 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 46 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 22 пациенти, во Велес се лекуваат 50 болни, а во Куманово 92 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид -центарот во Охрид се хоспитализирани 90 пациенти, во Прилеп – 89, во ковид-центарот во Гостивар – 23, а во Струга – 22 болни. Во болницата во Струмица се хоспитализирани 34 пациенти, во Кочани – 7 во Кичево – 7, во Кавадарци – 64, а во Гевгелија – 15 лица позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за предлогот на Филипче: Немам добиено никаков документ, ако добијам ќе дадеме наш инпут

„Па да го видиме документот, јас тоа велам да го видиме документот којшто ќе го поднесат. Се надевам дека ќе дозволат и ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група од владејачката коалиција да дадат свој инпут на сето тоа. Да го видиме документот, да видиме што е тоа што ќе понудат ново.“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање како го коментира предлогот на Венко Филипче.
Премиерот Мицкоски додаде дека многу такви декларации предложени од СДСМ се само обично слово на хартија и воопшто не се почитувале.
„Иако мора да кажеме дека во минатото декларациите на СДСМ се декларации коишто на крај завршуваат како обично слово на хартија, воопшто не се почитуваат. Имавме многу такви декларации во минатото како што кажав, но за жал СДСМ сето тоа коешто го декларира апсолутно не го почитуваше кога имаше кревка можност да управува со владата. Така што еве да го видиме тој документ, па да дадеме и ние наш инпут врз основа на тоа што ќе го видиме.“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: АР и АНБ ги користеле државните ресурси и ме прислушкувале, мислејќи дека на тој начин ќе добијат предност кај нивните налогодавци

Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање посочи дека во минатото Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ги користеле државните ресурси за да го преслушкуваат него, но и бизнисмени и новинари.
„Јас не би можел да зборувам за деталите, претпоставувам и директорот ќе го каже тоа, бидејќи тоа е државна тајна и така се класифицирани тие документи. Но едно е факт, дека двете агенции и Агенцијата за разузнавање и АНБ темелно се занимавале со во тоа време претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со бизнисмени и со новинари. Така што еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме обвинителството што ќе каже, судиите нормално во еден судски процес. Јас сум навикнат, еве истекува осмата година како сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа бидејќи и тогаш стигаа до нас информации што сè се случува.“, посочи Мицкоски.
Мицкоски вели дека станува збор за луѓе полусвет, којшто немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, па се занимаваат со туѓите животи мислејќи дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба и ќе напредуваат во кариерата.
„Едноставно, таков тип на луѓе, јас би ги нарекол „полусвет“ немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, се занимаваат со туѓите животи мислејќи дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба, некаква предност кај нивните наредбодавци и ќе напредуваат така во кариерата. Но, секоја работа има почеток има и свој крај. Очекувам овие „глодари“ да завршат онаму каде што им е местото, зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквите агенции и на ресурсите со коишто тие располагаат.“, дециден е премиерот Мицкоски.
Македонија
(Видео) Родителите од Демир Хисар на протест побараа бесплатен превоз за учениците: „Нема да престанеме да се бориме“

На првиот училиштен ден, на патниот правец Демир Хисар – Битола, кај местото Мраморица, се одржа мирен протест со блокада во времетраење од еден час. Протестот го организираа родителите од Демир Хисар, кои реагираат на последните измени на Законот за средно образование, со кои, како што велат, се ограничуваат правата на нивните деца на избор и бесплатен превоз.
„Учениците денеска беа на првиот училишен ден, бидејќи како родители не сакаме да им го скратиме тоа право. Но, Министерството за образование токму тоа го прави – им го ускратува правото на избор и на нормално школување. Нема да престанеме да се бориме за нивните права додека проблемот не се реши!,“ велат родителите.
Според измените на законот, учениците кои се запишани во средните училишта во Битола мора најпрвин да аплицираат за место во ученички дом. Доколку бидат примени, а одбијат да престојуваат таму, или пак воопшто не поднесат пријава, не им следува бесплатен превоз. Родителите реагираат дека на овој начин се уценети – бидејќи средното образование е задолжително, а државата наместо да обезбеди еднаков пристап, наметнува дополнителни трошоци и ограничувања.
„Кога ги запишувавме децата, потпишавме согласност за превоз, а не за престој во дом. Преку ноќ правилата се сменија и ако не аплицираме во домот – нема превоз, ако аплицираме, а одбиеме да седат – пак нема превоз. Тоа е апсурдно,“ реагираат родителите.
Како пример тие наведуваат семејства со повеќе деца – едното дете е примено во дом, другото не, со што се прават двојни трошоци. Тие велат дека превозот чини околу 3.500 до 4.000 денари месечно зависно од локацијата, додека престојот во дом изнесува 11.000 денари.
Родителите прашуваат и зошто како критериум за бесплатен превоз се зема финансиската состојба на семејствата, за нешто што, според нив, треба целосно да го покрие државата.
Во нивните реакции потсетуваат дека досега се обратиле до повеќе институции – директорката на домот, градоначалниците на Демир Хисар и Битола, како и до Министерството за образование, но без конкретно решение. „Се чувствуваме игнорирани“, велат.
Во моментов, околу 100 ученици од Демир Хисар кои учат во Битола се соочуваат со овој проблем. Родителите предупредуваат дека со измените на законот им се скратува правото на децата да изберат струка која ја нема во нивниот град – како медицинска, економска или техничка.
„Нашите деца не сакаат да седат во домот, ниту пак ние како родители сакаме, бидејќи Демир Хисар не е оддалечен премногу од Битола (помалку од половина час возење). Со оваа одлука им ја уништуваат иднината и соништата. Проблемот не ги засега само учениците од нашиот град, туку и од цела Македонија,“ порачуваат родителите.
Денешниот протест е само прв чекор, велат тие, и најавуваат дека ќе продолжат со активности се додека нивните барања не бидат исполнети. Ќе протестираат утре пред општинската зграда, а незадоволството ќе го изразат и в четврток и петок на патниот правец кон Битола. Ги охрабруваат и родителите од другите градови да им се приклучат за заедно да го изразат револтот и да се изборат за правата на децата.