Македонија
Над 400 семејства добиваат субвенција за огревно дрво од Кисела Вода
434 граѓани кои ја доставија потребната документација од Општина Кисела Вода ќе добијат субвенција за набавеното огревно дрво. Општинската комисија ги разгледа поднесените барања на лицата кои се пријавија на објавениот повик на локалната самоуправа и го изготви списокот на одобрените апликации, за кои исплатата ќе се изврши до крајот на годинава. Се работи за финансиски надомест во износ од 500 денари за секој купен метар кубен (1 m³) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри (10 m³).
Вкупно беа отворени 447, одобрени 434, додека 13 барања беа одбиени поради некомплетна документација. Останатите пристигнати барања не беа отворени заради запазување на критериумот наведен во јавниот повик, дека селекцијата ќе се прави по принципот прв дојден – прв услужен, се до исцрпување на предвидените средства во висина од 1.200 000,00 денари.
Одобрени се барањата со реден архивски број од 08-9550/002 до 08-9550/447, со исклучок на 08-9550/22, 08-9550/26, 08-9550/84, 08-9550/108, 08-9550/201, 08-9550/252, 08-9550/261, 08-9550/272, 08-9550/312, 08-9550/322, 08-9550/359, 08-9550/432 и 08-9550/436, кои се одбиени поради некомплетна документација.
Покрај субвенциите за огревно дрво, Општина Кисела Вода веќе обезбеди донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, како и субвенција за купување печки на пелети, со цел во услови на претерано зголемени цени на енергенсите, граѓаните полесно да го поминат зимскиот период. Воедно, оваа локална самоуправа го започна и проектот “Грижа и сигурност за секое дете”, кој содржи социјални мерки за финасиска поддршка на социјално загрозените и еднородителските семејства, а мерките за помош на населението, Општина Кисела Вода ќе ги продолжи и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОБСЕ ќе помогне за ефикасно враќање на нелегално стекнат имот
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска имаше средба со делегација на ОБСЕ од Одделението за организираниот транснационален криминал и корупцијата, предводена од проектниот офицер, Мерима Абдиќ, на која беше разговарано за спроведување на проектот за зајакнување на напорите за поврат на имот во регионот на ОБСЕ.
Абдиќ го презентираше проектот и подвлече дека борбата против корупцијата останува приоритет на ОБСЕ, како и на главните поддржувачи на проектот, САД и ЕУ. Таа изрази подготвеност преку проектот да споделат искуства за менаџирањето со запленетиот имот и повторената општествена пренамена на имотот.
Заменик претседателот на Владата, Фетаи информираше за неговата улога како претседавач на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата истакнувајќи го залагањето за брзото донесување на новата стратегија за конфискација на имот, која е во владина процедура.
Посебен акцент беше дадено на поддршката на ОБСЕ на институциите одговорни за примената на стратегијата како и на унапредување и повторена општествена пренамена на средствата стекнати од продажбата на запленетиот имот.
Македонија
Божиновска-Агелер: Силно партнерство со САД, разговори за енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
Средбата, како дел од континуираниот дијалог меѓу министерството и амбасадата, се фокусираше на зајакнување на соработката во областа на енергетиката, вклучително енергетската транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и поддршката за обновливи извори на енергија.
Божиновска ја истакна важноста на поддршката од Соединетите Американски Држави во справувањето со енергетските предизвици. Таа потенцираше дека односите меѓу двете земји се градат на цврсти основи на партнерство и меѓусебна доверба.
Амбасадорката Агелер ја потврди заложбата на САД за понатамошно зајакнување на енергетската безбедност и стабилност во регионот, нагласувајќи ја подготвеноста за поддршка на иницијативи кои ќе придонесат за одржлив развој.
Средбата заврши со договор за продолжување на редовната комуникација, со цел реализација на поставените приоритети и дополнително унапредување на билатералната соработка.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на промоција на проекти кои ќе ја забрзаат енергетската транзиција и ќе обезбедат долгорочна стабилност за граѓаните и економијата, соопштија од таму.
Македонија
Магла на Ѓавато, Пресека, Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 100 метри има на планинските превои Ѓавато и Пресека и во Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.