Македонија
Намалена видливост на патниот правец село Гајре – Попова Шапка и Маврово

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози. Намалена видливост од 70 до 100 метри поради појава на магла има на патниот правец село Гајре – Попова Шапка и Маврово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.
Македонија
Фон дер Лајен пристигна во Скопје, Муцунски очекува потврда на поддршката за европската интеграција

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, попладнево слета во Скопје. Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, рече дека на денешните средби очекува да се потврди поддршката за европската интеграција на Западен Балкан.
„Попладнево на скопскиот аеродром ја пречекав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во рамки на својата агенда за Западен Балкан денес пристигна во Скопје. Очекувам на денешните средби да се потврди поддршката за европската интеграција на Западен Балкан и постепеното приближување на регионот кон единствениот пазар на Европската унија“, напиша Муцунски.
Додава дека членството во Европската унија останува стратешки приоритет на македонската надворешна политика.
Македонија
Утре променливо облачно време со повремени врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со повремен дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степен.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок, кога се очекува локално да наврнат и над 20 l/m². Во петок ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер, особено долж Повардарието.