Македонија
Намален бројот на новодијагностицирани пациенти со лимфом во Македонија

Секоја година на 15 септември на глобално ниво се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за лимфомот. Свесноста за лимфомот и препознавањето на симптомите се од суштинско значење за раното откривање.
Кон одбележувањето на овој ден во ек на ковид-пандемијата се приклучува и ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје со апел до населението за сериозноста на лимфомот како заболување и потребата за неговото навремено препознавање и лекување.
„Многу е важно да им помогнеме на граѓаните да ги препознаваат симптомите на лимфомот и да побараат навреме помош од лекар. Зголемен, безболен, поткожен лимфен јазол е симптом што не треба да се занемарува ниту од пациентите ниту од здравствените работници. Дополнително, намалена енергија, треска, температура, чешање по телото, намалување на телесната тежина, се исто така симптоми што не треба да се игнорираат. На овој ден испраќаме апел до граѓаните навремено да се јавуваат кај своите матични лекари кога ќе забележат некоја од овие состојби. Да не дозволат состојбата поради Ковид-19 да ги одврати од посетата кај матичниот лекар затоа што физичкиот преглед на лимфниот јазол е клучен чекор во откривањето на ова заболување. Исто така, апелираме до матичните лекари редовно да ги прегледуваат своите пациенти со палпација на лимфните јазли затоа што раното дијагностицирање и соодветниот третман на ова хематолошко малигно заболување има клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот. Доколку рано се дијагностицира и навремено се третира, пациентите добиваат шанса за долг, квалитетен и среќен живот“, изјави проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис, директор на ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје.
Во нашата земја во 2019 година беа дијагностицирани 150 пациенти со лимфом, во 2020 година до август биле откриени 74 пациенти со ова заболување, а во оваа 2021 година само кај 52 пациенти е дијагностициран лимфом. Овие бројки бележат пад на новодијагностицирани пациенти со не-Хочкинов лимфом од 38 % во споредба со истиот период од 2020 година. Од почетокот на пандемијата па до денес забележуваме континуирано опаѓање на бројот на новодијагностицирани пациенти. Но, за жал, овој опаѓачки тренд не значи дека нема новозаболени пациенти, туку дека луѓето со симптоми поради пандемијата и стравот од зараза, не посетуваат навремено доктор, а со тоа ја пролонгираат раната детекција, која е од огромна важност кај малигните заболувања.
Најдобриот начин да се детектира во рана фаза болеста, кога шансите за излекување се најголеми, е преку заедничката соработка на пациентите и докторите. За таа цел, Клиниката за хематологија во Скопје отвори и електронската амбуланта, со која се поедноставува комуникацијата помеѓу матичните лекари и хематолозите.
Меѓу другото, и со цел да се заштити оваа група пациенти, која е под зголемен ризик од инфекција, развој на тешка болест и смртен исход, Универзитетската клиника за хематологија – Скопје препорачува кај овие лица да се спроведе и вакцинација против Ковид-19.
Приближно 1 од 50 лица има ризик да заболи од оваа болест во текот на својот животен век. Затоа, потребно е да се подигне свесноста за лимфомот како најчестата форма на хематолошка малигна болест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.